Населението не треба да се грижи, Владата спроведе политики кои обезбедуваат доволно количини на храна, вклучително и масло за јадење, рече на денешната прес-конференција министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.
– Првите количини веќе се стигнати од Србија, а на увозниците и на трговците е оставено каква динамика ќе спроведат во однос на нивната дистрибуција до купувачите. Не само масло за јадење од Србија, туку масло, рафинирано и нерафинирано, денес стигнува и од други земји. Денес имаме увоз од Русија, од Бугарија и од Украина – рече Николовски.
Како што вели тој, преку мерки се зајакнува капацитетот на храна во услови на криза.
„Сакаме да го поттикнеме и да го зголемиме домашното производство и да ја намалуваме нашата зависност од увоз. Барам поддршка од медиумите да ги повикаме земјоделците да произведуваат. Ние продолжуваме со политиките и за дополнителни канали за увезување на храна. Апелирам да нема паника кај граѓаните и да нема купување на дополнителна храна од нивна страна“, рече Николовски.
Одговорајќи на новинарски прашања, министерот повтори и дека доколку има потреба, покрај предвидените два милиона литри, ќе се бара увоз на дополнителни количини масло за јадење од Србија.
„Постојано сме во контакт со српските власти. Ако бидат потребни дополнителни количини, очекуваме српската Влада тоа да го одобри. Очекуваме и тргање на забраната за нерафинирано масло”, подвлече Николовски.
Според него, динамиката на увоз зависи од договорот на трговските партнери.
