Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше на завршувањето на градбата на фотоволтаичната електрана „Осломеј“ од 10 мегавати во сопственост на ЕСМ, изградена на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“, каде што започна тест период на целосно монтираната опрема.
„Загадувачите на животната средина остануваат во минатото. Храбро и одлучно го трансформираме енергетскиот систем, и се насочуваме кон користење на обновливи извори на енергија, енергетска независност и заштита на животната средина.“, рече премиерот.

„Целта на Владата заедно со институциите и партнерите е да станеме земја која од европски доминантно застапените фосилни енергенси, се насочува кон енергетски капацитети кои ќе го користат сонцето што го имаме во изобилство во текот на целата година, како и ветерот, водата и гасот. Навистина е за почит што токму на ова место кое е некогашен загадувач на животната средина, веќе имаме капацитет кој е подготвен од сончева, да произведува чиста и зелена енергија.
Придобивките од оваа инвестиција се повеќекратни.

Освен што со годишното производство од оваа нова фотоволтаична електрана од 15 до 17 гигават-часови ќе ги снабдиме потребите на околу 2.800 домаќинства со електрична енергија, правиме и рекултивација и оплеменување на 15 хектари површина. Со ова како Влада, покажуваме вистинска грижа за заштита на животната средина.
Овој проект е од огромна важност, бидејќи е прв проект со кој се заменува производството на електрична енергија од загадувачка во чиста технологија. Истиот е пример за одлично спроведен проект во целиот регион на Југоисточна Европа, и како таков е пример и за идните проекти за енергетска транзиција во земјите на Западен Балкан“, рече Ковачевски.
