Се зголемува интересот за посета и дегустации во Вински музеј Кавадарци, потврди денеска за МИА Весела Честоева, директор во оваа установа, што ја претставува историјата, културата и традицијата во Тиквешијата.
-Дури и во време на пандемија од коронавирус, со почитување на превентивните мерки за заштита, домашни и странски гости пријавуваат интерес и доаѓаат да се запознаат со богатството со кое располага Тиквешко, како најголем лозарски и вински регион во државата, рече Честоева.
Таа нагласи дека во дворот на музејот, на отворено, се организираат различни вински настани, но и концерти, презентации, работилници. Во текот на денов во дворот на музејот беше организирана дегустација на којашто посетителите имаат можност да дегустираат од производите од грозје на винарија „Кимов” од Кавадарци. Сопственикот на винаријата Александар Кимов рече дека лозаровинарството отсекогаш се негувало во неговото семејство и правењето вино и ракија е фамилијарна традиција.
– Од пред неколку години сме регистрирани како винарија. Наградите за нашите производи во земјава и странство се доказ дека сме на вистинската насока за развој на алтернативниот туризам и развојот на винските патишта, рече Кимов.
Посетителите на дегустациите може да купат производи од грозје.
