Јасно е дека нè очекува несигурност во храната и голем пораст на цените по руската инвазија на Украина. Тоа во Италија веќе стана реалност. Просечната цена за килограм леб таму е 5,31 евро, а на места достигнува и блиску до 10 евра. Италијанскиот рекорд е поставен во градот Ферара, во регионот Емилија Ромања, на северот на земјата и изнесува 9,8 евра, предупредува Здружението на фармери Coldiretti.
Тие наведуваат дека цената од пченицата до готовиот производ – лебот, расте 13 пати. Таму килограм мека пченица достигнала максимална вредност од 40 центи, а за килограм леб потребни се 800 гр брашно, што значи дека остатокот од цената зависи од други фактори како енергија, трошоци за работна сила и друго.
Се чини дека во овој регион се јаде најскапиот леб. Така, во градот Форли највисоката забележана цена е 9 евра, со просечна од 4,73 евра, а во Болоња највисоката е 6,4 евра за килограм леб. Најевтин лебот е во Неапол, 2 евра за килограм, пишува Corrieredibologna.
Пазарни шпекулации
Војната во Украина донесе голем пораст на цените на храната, па претседателот на Националната асоцијација на корисници на јавни услуги (Assoutenti), Фурио Труци, предупредува дека може да има дополнително зголемување од 15 до 30 отсто за многу производи за широка потрошувачка, од тестенини до слатки, вклучувајќи леб, крекери и бисквити.
Сепак, Coldiretti предупредува на шпекулации на пазарите, кои често не се вистински одраз на понудата и побарувачката, туку произлегуваат од фјучерс договорите со кои, како што истакнуваат, виртуелно се тргува на берзата.
„Шпекулациите за глад во побогатите земји ќе предизвикаат инфлација, но и сериозен глад и немири во помалку развиените земји“, заклучуваат тие во соопштението.
