Во зависност од климатските услови, во текот на зимата, стрните жита можат да претрпат низа штети, како што се: измрзнување, задушување, истегнување (кинење) на растенијата и др. Сите овие појави ги оштетуваат културите. Измрзнувањето е појава, која се јавува како последица од директното дејство на мразот. При тоа растението може да замрзне или да измрзне.
Замрзнатите растенија при постепено одмрзнување остануваат неповредени. Меѓутоа измрзнувањето настанува на многу ниска температура и доаѓа до изумирање на клетките во растението. Измрзнувањето е честа појава во области или години со бесснежни зими или со мал снежен покривач. Измрзнатите растенија во текот на зимата обично ја задржуваат нормалната боја. Тие лесно се истргнуваат од почвата. Ако надземната маса е овената а растенијата тешко се кубат од почвата, може да значи дека не е уништено целото растение.
Основно при оценката на измрзнувањето на растението е состојбата на коленцето на братење. Доколку тоа има бела боја, растението е во состојба да регенерира, но црвенокафеавата боја укажува дека растението угинало. Промената на бојата на измрзнатите растенија се забележува по затоплувањето на времето, кога тие почнуваат да пожолтуваат и венеат.
Житарките најотпорни се на ниски температури во фаза на братење и кога се добро калени. Отпорноста на житарките исто така најмногу зависи од видот, како и од сортата. Најотпорни се пченицата, ржта и тритикалето, помалку отпорни се јачменот и овезот.
Така, кај пченицата набабреното зрно, започнато да рти издржува температура од -6 до -13 степени Целзиусови. По никнувањето, кога е со лист помал од 2 см, пченицата е најосетлива на ниски температури. Со растењето на лисјата отпорноста се зголемува. Рано наесен може да загине при температура од -9 до -10 степени Целзиусови, доцна на есен издржува -15 до -17 степени Целзиусови, а преку зимата -20 до – 25 степени Целзиусови. Добро калените растенија од јачменот издржуваат од -10 до -12, а некои многу отпорни сорти издржуваат и -20 степени Целзиусови.
Овесот е најмалку отпорен од житарките и температурата од -4 до -5 може да биде штетна. За спречување на измрзнување на растенијата, потребно е да се изврши избор на видови и сорти кои ќе можат да ги поднесат ниските температури, сеидба во оптимални рокови, оптимална длабочина на семето и ѓубрење со NPK ѓубриња со правилен однос меѓу елементите.
Задушувањето се појавува како последица од висока снежна покривка, создавање на кора од мраз или подолготрајно лежење на вода на површината. Најголеми штети настануваат кога снегот паѓа на претходно несмрзната почва, што значи ако пченицата претходно не ја запрела својата вегетација. Тоа доведува до постепено ослабнување на растенијата. Ако високиот снежен покрив подолго време се задржи, дел од растенијата загинуваат, а еден дел толку многу ослабнува што многу лесно страдаат од разни габични заболувања. Задушените растенија ја менуваат бојата во темно кафена. Пченицата може да биде задушена доколку на почвата се оформи кора од мраз. Кората од мраз врши механички притисок на растенијата, предизвикувајќи најразлични повреди, а заедно со ниските температури, според кои кората од мраз не се покажува како добар изолатор, може да се нанесат големи штети. Оформената кора од мраз треба да се разрушува со запчести валјаци.
Пченицата може да биде задушена и од подолготрајно лежење на вода. Добро избратената пченица може да издржи под вода нешто подолго време. На такви површини за да се намалат штетите треба благовремено (веднаш по сеидбата) да се направат одводни (отворени) бразди со поврзување на водолежните места до најблискиот одводен канал.
Истегнување (кинење) на растенијата е појава која настанува при подигнување на површинскиот слој на почвата, што е како резултат на дневните повисоки и ноќните ниски температури. При мрзнењето на водата во почвата се зголемува волуменот и таа се подигнува дигајќи ги со себе и младите растенија. Во ваква ситуација врската на коренот со почвата е лабава, ладниот воздух е во контакт со коренот и растението повеќе страда од мраз. Оваа појава е почеста кога пченицата се сее на пресноорана и неслегната површина. Во вакви случаи превентивна мерка е валањето на површината по сеидбата. Како мерка за намалување на последиците од истегнувањето се препорачува пролетно валање на посевот, штом тоа го дозволи влажноста на почвата.
М-р Цветан Јовановски, АПРЗ
