Високата побарувачка и послабата понуда доведоа до зголемување на откупните цени на млекото. Какви се прогнозите за следната сезона и што влијае на тоа?
Извозните цени на млекото и млечните производи растат и се блиску до рекордниот износ од 2013 година. Очекувањата се дека овој тренд ќе продолжи, што ќе има влијание на глобалниот пазар на овие стоки, наведува Агрархеуте.
Фонтера, мултинационална задруга во Нов Зеланд, во сопственост на околу 10.500 фармери, која покрива околу 30 отсто од светскиот извоз на млечни производи, минатиот месец трет пат по ред ги зголеми исплатите за земјоделците.
Конфузија на светскиот пазар
Четвртата аукција на New Zealand Global Dairy Trade оваа година заврши позитивно. Вредноста на индексот ГДТ достигна највисоко ниво од април 2013 година и моментално изнесува 1.516. На последниот ГДТ, на 15 февруари оваа година, растот на генералниот берзански индекс беше 4,2 отсто. Стјуарт Дејвидсон, менаџер на новозеландската берза NZX, рече: „Нема сомнеж дека овој резултат на аукцијата ќе предизвика конфузија на светскиот пазар и повторно ќе ги зголеми прогнозите за цената на млекото“. Тој истакна дека растот резултирал со кумулативно зголемување од 13,5 отсто во последните шест недели.
На последната аукција биле продадени 27.726 тони млечни производи, за повеќе од 700 тони помалку од претходната.
Според последниот извештај за откупната цена на млекото во Европската Унија, тие пораснале за 1,2 отсто во однос на месецот претходно, а просекот во јануари изнесувал 41,79 евра за 100 килограми. Највисоката цена е забележана на Малта, 62 евра за 100 килограми, а најниската во Португалија, каде што е двојно пониска, 31,89 евра/100 килограми.
Се очекува натамошен раст, што се оправдува со фактот дека глобалната побарувачка ја надминува понудата. Покрај и онака високите светски цени на житарките и вештачките ѓубрива, за овој тренд придонесуваат и тензиите меѓу Русија и Украина, што доведува до верижна реакција.
Светските резерви се недоволни?
Нејтан Пени, висок земјоделски економист во новозеландската Вестпак банка, предвидува благ пад на цените во наредниот период, што би довело до закрепнување на овој пазар.
„Во моментов, очекуваме производството во Нов Зеланд да биде три отсто помало од минатата сезона. Претходно очекувавме тој пад да биде 1,5 отсто. Сепак, просечните откупни цени на млекото оваа сезона може да бидат повисоки отколку што очекувавме“, заклучи тој.
Нарушувањата во производството во регионите кои се традиционални производители ќе доведат до дополнителна неизвесност на пазарот. Комбинацијата на лоши временски услови и високите трошоци за храна и друго значително влијаат на производството во Европската унија и во САД, пренесува Agroklub.
