Паркот „Иднина“ во Општина Кисела Вода кој во моментов се гради кај кружниот тек меѓу Припор и Кисела Вода, на местото каде што постоеше дива депонија, ќе биде самоодржлив, најавуваат од оваа скопска општина.
Следејќи ги најновите светски трендови, паркот, кој носи симболично име, „Иднина“, ќе биде самоодржлив. За осветлување ќе се користат фотоволтаици, а за зелените површини ќе биде поставен систем за самонаводнување.
Во напредна фаза е оплеменувањето на просторот кој се протега на површина од 4000 м2, на кој, по финализацијата на проектот, ќе се нудат најразлични содржини за сите генерации.
Покрај зеленило, дрвца, хортикултурно уредување, во паркот ќе има урбана опрема, клупи, летниковец, патеки за шетање, воден ѕид, a за најмладите ќе се изгради детско игралиште. На влезот, на јарбол ќе биде поставено македонското знаме, соопштуваат од општина Кисела Вода.



