Најголемиот европски производител на ѓубрива, „Yara International“, најави дека повторно ќе ги рестартира своите погони во Холандија. Имено, во септември фабриката објави дека има намера да затвори околу 49 отсто од европските производствени капацитети за производство на амонијак, поради високите цени на природниот гас. Околу 40 отсто од погонот е затворен односно производството е намалено за околу 1,9 милиони тони амонијак годишно.
Пред неколку дена, извршниот директор на компанијата, Свен Торе Холсетер, изразил загриженост дека недостигот ги зголемува цените на храната и ги води посиромашните земји во криза. За Ројтерс изјави дека „Yara“ повторно рестартира дел од производството во Холандија, додека некои фабрики во Европската Унија сè уште се затворени поради високите трошоци и зголемените цени на природниот гас.
Како што наведува Аgrarheute, тоа значи дека земјоделците во ЕУ ќе мора да се соочат со многу висока цена за вештачките ѓубрива кои сѐ уште се достапни.
„Минатото лето производството на еден тон амонијак чинеше 110 долари, а сега е 1.000 долари“, рекол Холсетер.
Во Германија, номиналните цени на најважното азотно ѓубриво KAN во тамошните увозни пристаништа беа нешто помалку од 580 евра за тон, што значи дека германските земјоделци ги чини 280 евра повеќе отколку во октомври. Треба да се напомене дека овие суми се трипати поголеми од пред една година, пренесува Agroklub.rs.
Кина воведува ограничувања
Освен што се поттикнувач на тековната криза, високите цени на природниот гас кои предизвикаа затворање на фабриките, проблем се и извозните ограничувања од Кина и Русија.
Русија на почетокот на минатиот месец објави шестмесечно ограничување на извозот на азот и комплексни ѓубрива што го содржат овој елемент, а во северните региони на Кина се воведени построги ограничувања за да се спречи ширењето на вирусот ковид-19 и неговата најнова варијанта омикрон. Затоа, ја прекинаа и трговијата со стока која не е во контејнери (т.н. рефус карго) со Русија. Затоа, стоката што треба да се товари рачно, како што се јаглен, земјоделски производи, па дури и ѓубрива, нема да поминува меѓу овие две земји.
Американските аналитичари велат дека продолжувањето на затворање на границите може да има сериозно влијание врз глобалниот пазар на ѓубрива, односно да го зголеми недостигот на залихи ширум светот.
Индексот на цените на ѓубривата во САД се искачи на највисокото ниво досега на крајот на ноември, а растат и оние за агрохемикалии.
