Турските инвестиции во земјава надминаа една милијарда евра, но има потенцијал за натамошни вложувања особено во обновливи извори на енергија. Интензивно се работи и на ажурирање на Договорот за слободна трговија меѓу Северна Македонија и Република Турција, особено во секторот земјоделски производи, свежо овошје, зеленчук и преработена храна.
Ова беше речено на денешниот форум што го организира Стопанската комора Македонија – Турција (МАТТО) по повод посетата на компаниите – членки на Стопанската и индустриска комора на Едрене.
-Трговската размена меѓу двете земји е во постојан раст последните пет години. Во првите девет месеци од годинава бележиме зголемување за 45 проценти во однос на истиот период лани – рече главниот трговски советник во Турската амбасада во Скопје, Огузхан Бербер.
Според претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски, целта на соработката е двете земји да достигнат размена од две милијарди долари.
-Имајќи ја предвид стратешката географска позиција на РС Македонија, која се наоѓа на крстосница на два главни европски транспортни коридори и преставувајќи на тој начин врска со ЕУ, Блискиот Исток и Северна Африка, а особено имајќи го предвид историскиот добар однос помеѓу двете земји, можеме да констатираме дека обемот на трговската размена е многу помал од очекуваниот. Целта кон која сме насочени е да се постигне трговска размена помеѓу двете земји со висина од две милијарди долари. Ако се вклучат сите капацитети и со добра волја и заедничка работа, заедно би можеле да ја реализираме оваа цел и тоа за кратко време – потенцира Адемоски.
Тој потсети и дека МАТТО досега има обезбедено повеќе од 5.000 вработувања во Северна Македонија.
-До минатата година вкупните турски инвестиции во државата изнесуваа околу две милијарди американски долари. Инвестициите на турските компании се во повеќе различни области и сектори, но најголемиот дел се во градежниот сектор, во областа на градежните материјали, трговијата, банкарството, здравството, авионскиот транспорт, како и во производството на млечни производи, прехранбената индустрија, текстилната индустрија, образованието и секторот хемија, истакна Адемоски и ги повика членовите на Стопанската и индустриска комора на Едрене да инвестираат во Република Северна Македонија.
На форумот се присутни претседателот на Управниот одбор на Стопанската и индустриска комора на Едрене, Реџеп Зипкинкурт, претседателот на Собранието на Комората, Мустафа Емре Алп, проректорот на Универзитетот Тракија, Мурат Туркјилмаз, генералниот менаџер на „Технопарк” – Тракија, Озгур Оздемир, генералниот секретар на Агенцијата за развој на Тракија, Махмут Шахин, како и координаторот на Агенцијата за развој во Тракија, Бахар Манав. Учествуваат и околу 40 фирми од Едрене кои работат во различни области и сектори: земјоделско-прехранбен сектор, хотелиерство и угостителство, градежен сектор, текстилна индустрија, туризам, автомобилска индустрија, односи со јавност,…
МАТТО и Стопанската и индустриска комора на Едрене го заокружија настанот со потпишување Протокол за соработка. Во тек се билатерални средби меѓу турските и македонските компании на кои ќе стане збор за реализирање конкретна соработка.
Турските компании се заинтересирани за инвестиици во облата на земјоделството, но единствена пречка засега, како што беше речено, е Договорот за слободна трговија.
На турските инвестиции отпаѓаат 38 отсто од вкупните странски вложувања во земјава. РепубликаТурција е наш петти партнер во областа на инвестициите и осми партнер во областа на трговијата. Моментно, обемот на трговска размена меѓу двете земји изнесува околу 450 – 500 милиони долари годишно.
МИА

Koneçno dojde našava minuta.
?