Сува и топла клима. Релјефот сличен како оној во африканските савани. На дрвјата во сенките се кријат мајмуни, а во хоризонтот пасат жирафи и коњи. Вака некако изгледала територијата во близина на Делчево пред неколку милиони години. Сведоци за ова историска доба се палеонтолошките локалитети кои во себе кријат фосили кои ја раскажуваат приказната за геолошкото минато.
Таков важен локалитет е и Стамер, Делчевско – ново заштитено подрачје од категоријата природна реткост. Овде, покрај други животни откриен е и нов вид, предок на модерните жирафи. Доколку сакате да се запознаете со далечното природно минато, посетете го Стамер и таму преку поставените интерактивни едукативни табли ќе можете да научите сѐ за овој значен локалитет.

Уредувањето на локалитетот, поставувањето на едукативните табли и поставката е направено во рамки на Програмата за зачувување на природата (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од Фармахем-Скопје.




