Иако метеоролозите првично најавија дека неделава ќе се задржи облачно време со позитивни утрински температури, метеоролошката динамика си го направи своето.
Разговаравме со Ангелко Ангелески, советник за агрометеорологија, кој ги предупредува земјоделците дека од утре ќе има појава на мраз на територијата на цела Македонија, со исклучок на Окрид, Демир Капија и Гевгелија, и дека треба да се дособерат плодовите и градинарските производи кои се уште останати по нивите.
Ангелески посочува дека не е невообичаено појава на мраз во овој период од годината.
„Не е невообичаена појава на мраз во овој период од годината и со овие температури Македонија се вклопува во просекот. На пример, минатата година првиот мраз во Скопје е забележан на 26 октомври.“, напоменува Ангелески.
Ангелески исто така напоменува дека не би требало да има значителни штети од првиот мраз, со оглед на тоа што поголемиот дел од градинарските производи и овошките се собрани, а оние што остануваат на дрвјата, како дуњата, мушмулата, јапонското јаболко, кивито, можат да поднесат и пониски температури и не се очекува измрзнување.
