Во Израел е откриена винарија стара 1.500 години, која се сметала за најголема во светот во тоа време.
Пет дробилки за грозје се ископани во Јавна, јужно од Тел Авив, во голема винарија од византиската ера, за која се проценува дека произведувала две милиони литри вино годишно.
Според светските медиуми, по софистицираниот процес на производство, виното се извезувало ширум Медитеранот.

Археолозите кои работеле на ископувањата рекле дека се изненадени од големината на винаријата. Во план е кога ќе завршат конзерваторските работи местото да биде отворено за посетители.
На локалитетот се наоѓаат пет дробилки за грозје на површина од околу четиристотини квадратни метри, капацитети за зреење и флаширање на виното, како и сушара за ќуповите во кои се чувало виното.

Финалниот производ бил познат како Газа или Ашкелон вино, според пристаништата од кои било извезувано во Европа, Северна Африка и Мала Азија.
Ширум Медитеранот било познато по квалитетот.
„Тоа било главен извор на исхрана и било безбеден пијалак, бидејќи водата често била загадена“, рекол Џон Селигман, еден од водачите на ископувањето.
