Во Струмичко познатата есенска слика, зелката се бере, пиперките се носат на откуп, трактори низ селските улици, вреќи и гајби како задолжителен декор.


И разговорите на земјоделските теми веќе слушнати по неколку пати – нема договор, се е стихијно, зелката одлично помина, пиперот одлично почна, ама еве денеска 16 денари за килограм но со послаб квалитет… тешко е, мачно е, нѐ уценуваат трговците, не плаќаат некои преработувачи, не сме организирани…


Во разговор со нив се добива впечаток дека и тие знаат дека нешто треба да менуваат, ама не знаат како и што. А кога ќе се обидете да им посочите и да им дадете идеја или предлог, одма се повлекуваат и велат, а тоа ни е тешко?! Зошто е овој страв од промени, уште не е јасно, но со сигурност им треба помош во тој дел. Да се охрабрат, ќе мора.
Еве им пример со пилот проектот годинава – Договорно производство на органската пиперка.
На почетокот на оваа сезона се вклучија неколку земјоделци од сите региони кај нас и склучија договор со компанијата „Тргопродукт“ со однапред утврдена цена од 30 денари за килограм. Значи уште не насаден пиперот тие знаеја на кого и по која цена ќе го продадат.


Се насеа семето, се подготви органскиот расад, се расади, се третираа пиперките со органски препарати за заштита и прихрана, се доби сертификат за органски производ или во преод и веќе стасаa пиперките за берба.




Голем дел од нив и го предадоа пиперот во „Тргопродукт“, согласно договорот од каде веднаш им исплатија.
Да напоменеме и тоа дека „Тргопродукт“ инвестираше во нивното производство со регрес ѓубриво, на некои земјоделски производители и во системи за наводнување и друга поддршка во производството.

Со завршување на проектот Договорно производство на органска пиперка 2021, во организација на Агротим, советници за органско производство, земјоделци, агробизнисмени и преработувачи, ќе ја имаме комплетната слика за тоа какви се предностите на овој модел на соработка, што треба да се направи за да се зголеми интересот на земјоделците и на кој начин Министерството преку мерки може дополнително да мотивира и ангажира нови производители на органски производи.

Од разговорот со преработувачите јасно е дека тие имаат потреба од функционирање на Договорно производство бидејќи ќе знаат колку суровина ќе откупат и преработат, а со тоа ќе го димензионираат и сопственото производство, а ќе можат да освојуваат и нови пазари или да имаат континуитет во снабдувањето на постоечките пазари и договори со трговските ланци.



И ако се водиме по познататиот менталитет на нашиот земјоделец кој прво сака да види за да поверува, еве пилот проектот Договорно производство на органска пиперка, ќе го овозможи тоа.
Наскоро на Агротим ќе објавиме видео од целиот процес од семе до берба и искуствата на земјоделците, со што ќе создадеме добра основа за новата реколта 2022.
Активноста се спроведува со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – И.М.Е Програма.
