Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска беше домаќин на висока делегација од Република Црна Гора, предводена од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Црна Гора, Александар Стијовиќ.
Министерот Хоџа заедно со министерот Стијовиќ заклучија дека двете министерства имаат многу полиња за соработка. За таа цел веќе денеска се одржаа првични работни состаноци помеѓу делегацијата на Република Црна Гора и директорите на македонските Aгенции и Управи: Агенцијата за храна и ветеринарство, Платежната агенција, Управата за водостопанство, Управата за хидрометеоролошки работи и Управата за фитосанитарна политика.
Ова се четирите области во кои во следниот период претстои најмногу работа, со цел билатерално унапредување и заеднички развој на нашите пријателски земји.
Меѓу двете држави, истакнаа Хоџа и Стијовиќ, нема отворени прашања, но целта е подигнување на соработката на уште повисоко ниво, меѓусебно помагање и разменување искуства на патот кон ЕУ. Според министрите, фитосанитарните политики и менаџментот на води се само некои од областите во кои соработката може да се интензивира.
