Научниците откриле дека ковид-19 од луѓето преминал на дивите елени во некои делови на Соединетите Американски Држави. Тие откриле антитела на САРС-КоВ-2 кај 40 проценти од белоопашестиот елен на североисток од земјата, пишува Science Alert.
Само во државата Мичиген, 67 проценти од дивите елени имале имунолошки маркери на коронавирус во крвта. Ова е прв доказ за распространета изложеност на ковид-19 кај дивечот.
Иако ниту еден елен немал лоша здравствена состојба, присуството на специфични антитела во нивната крв покажува дека тие неодамна се опоравиле од вирусот.
Научниците се загрижени дека популацијата на дивите елени може да биде добра основа за развој и мутација на ковид-19, која подоцна би можела да се врати кај луѓето, но со посериозни последици за човечкото тело отколку порано.
Од почетокот на глобалната пандемија, експертите се загрижени за ширењето на коронавирусот од луѓе на други животински видови. На пример, минатата година имаше појава на епидемија на ковид кај домашните животни, за што беше потребно преземање посебни мерки. Но, за разлика од домашните животни, инфекциите кај дивите животни не можат така лесно да се контролираат.
Сѐ уште не е познато каде и како елените дошле во контакт со вирусот. Можеле да се заразат директно од луѓе или при контакт со добиток или други диви животни.
