Врз основа на член 21-a став 1 од Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.135/07, 18/11, 148/11, 95/12, 79/13, 87/13 106/13, 164/13, 39/14, 130/14, 166/14, 72/15, 98/15, 154/15, 215/15, 7/16, 39/16 и “Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/19), а по претходно добиена согласност од Владата на Република Северна Македонија и донесена Одлука за давање на согласност на Јавен оглас бр.02/21 за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари (“Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.165/21), министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, распишува
I. ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ОГЛАС
Се дава во закуп земјоделско земјиште во сопственост на државата со вкупна површина од 2122ха 05ар 26м2 .
Податоците за земјоделското земјиште предмет на овој јавен оглас (за службености и други товари, за состојбата во која се наоѓа земјиштето, катастарските податоци содржани во имотниот лист) се во согласност со постоечката катастарската евиденција и увид во тие податоци за секоја површина може да се направи на веб страната на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанствои на огласната табла во подрачнаите единици на Министерството, каде се наоѓа земјоделското земјиште кое е предмет на јавниот оглас.
Листите со катастарски индикации на земјиштето кои го идентификуваат се дадени во деталните прегледи во прилог на огласот.
Земјоделското земјиште предмет на огласот во зависност од видот на земјоделската култура која ќе се одгледува, ќе се доделува во времетраење од:
-подигање на долгогодишни насади (лозја, овоштарници) и оранжерии за период до 30 години,
-подигање на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години,
-одгледување на други земјоделски култури и за поставување на пчелни семејства за период до 15 години,
II.ПРАВО НА УЧЕСТВО НА ЈАВНИОТ ОГЛАС
Право на учество на јавниот оглас имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица.
Поврзаните лица во смисла на поврзани правни лица, поврзани физички лица, поврзано физичко лице со правно лице и индиректно поврзани лица во правно лице имаат право на учество на јавниот оглас и можат да достават само една понуда за учество.
Физичките лица треба да се регистрирани вршители на земјоделска дејност и/или да се трговец поединец на кои земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи им е приоритетна дејност.
Странските правни лица, имаат право да учествуваат на јавен оглас доколку имаат регистрирано подружници во Република Северна Македонија.
На домашните и странските правни лица или нивните подружници земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи да им е претежна дејност или земјоделското земјиште им е потребно за вршење на научно- истражувачки дејности.
Право на учество на јавниот оглас немаат лицата кои ги немаат намирено обврските по основ на закупнина по претходно склучени договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост и даночни обврски и придонеси по основ на: персонален данок на доход, данок на додадена вредност, данок на добивка, придонеси од задолжително социјално осигурување.
Право на учество на јавниот оглас немаат правни лица за кои е отворена стечајна постапка, како и непрофитните организации.
Учесниците на јавниот оглас за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост во закуп за површини над 3 хектари по пат на електронско јавно наддавање, должни се да достават:
а)за правни лица:
-пријава (образец е даден во приог на страната на МЗШВ или може да се подигне од подрачна единица на Министерството);
-доказ (акт) издаден од Централниот регистар на Република Северна Македонија за извршениот упис во трговскиот регистар или од друг надлежен орган за упис на правните лица(доколку се аплицира со подружница потребно е документот од централен регистар да содржи податоци за претежна дејност на правното лице и на подружницата);
-доказ за намирени обврски по однос на даночни обврски и придонеси по основ на: персонален данок на доход, данок на додадена вредност, данок на добивка, придонеси од задолжително социјално осигурување;
-бизнис план кој содржи основни податоци за учесникот, целта за која ќе го користи земјиштето, применета технологија, број на вработени, пазарни аспекти, очекувани производно – економски резултати (бизнис планот треба да биде потпишан на секоја страна од страна на управителот на правното лице или од овластено лице за потпис со прилог овластвање заверено на нотар);
-изјава (заверена на нотар) од основачите и одговорното лице во правното лице дека не биле основачи или управители на правното лице кое користело земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп, а кое не ги исполнило обврските од тој договор;
-банкарска гаранција за учество на јавен оглас во висина на понудена деветмесечна закупнина;
-доказ за материјално – техничка опременост (сообраќајна дозвола, фактура, договор за купопродажба заверен на нотар, правосилна судска одлука или акт на друг надлежен орган) или доказ за користење на трактор како основно средство за обработка на земјоделското земјиште (договор за лизинг или договор за послуга заверени на нотар) и
-Изјава (заверена на нотар) за висина на инвестициите на земјоделското земјиште предмет на јавниот оглас (вредноста на објектот).
б)за физички лица:
-пријава (образец е даден во приог на огласот на страната на МЗШВ или може да се подигне од подрачна единица на Министерството);
-доказ за намирени обврски по однос на даночни обврски и придонеси по основ на: персонален данок на доход, данок на додадена вредност, данок на добивка, придонеси од задолжително социјално осигурување;
-фотокопија од лична карта;
-потврда за упис во единствениот регистар на земјоделски стопанства;
-решение за регистриран вршител на земјоделска дејност или доказ од Централен регистар за регистриран трговец поединец;
-програма за користење на земјиштето која содржи основни податоци за семејството, техничко-технолошка опременост, целта за која ќе го користи земјиштето, пазарни аспекти (програмата треба да биде потпишна на секоја страна од подносителот на понудата);
-изјава за веродостојноста на податоците дадени со пријавата заверена на нотар;
-изјава заверена на нотар дека не бил основач или одговорно лице во правното лице кое користело земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп, а кое не ги исполнило обврските од тој договор;
-банкарска гаранција за учество на јавен оглас во висина на понудена деветмесечна закупнина;
-доказ за материјално – техничка опременост (сообраќајна дозвола, фактура, договор за купопродажба заверен на нотар, правосилна судска одлука или акт на друг надлежен орган) или доказ за користење на трактор како основно средство за обработка на земјоделското земјиште (договор за лизинг или договор за послуга заверени на нотар) и
-Изјава (заверена на нотар) за висина на инвестициите на земјоделското земјиште предмет на јавниот оглас (вредноста на објектот).
Потребната документација се доставува во оригинал или фотокопија заверена на нотар (освен личната карта за физичките лица).
Образецот за учество на јавниот оглас (понуда) потребно е да се пополни целосно со сите потребни податоци во спротивно понудата нема да биде разгледувана.
УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО ВО ПОСТАПКАТА
На јавниот оглас понудувачот може да достави само еден оригинален образец (понуда), а може да аплицира за една, две, три или повеќе географски целини и региони.
Доколку понудувачот аплицира на повеќе географски целини/региони треба да достави една понуда однсоно понудите да бидат дадени на еден образец, а за секоја целина да има посебен бизнис план/програма, банкарска гаранција за учество и изјава за висината на инвестициите заверена на нотар.
Изборот на најповолен понудувач во постапката по јавен оглас за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост над 3 хектари по пат на електронско јавно наддавање, се врши врз основа на највисоко понудена годишна запупнина по хектар за целина постигната по пат на електронско јавно наддавање.
Постапката за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп за површини над 3 хектари по пат на електронско јавно наддавање може да се спроведе иако во неа земал учество и само еден понудувач и наддаде над почетната цена.
Почетниот износ на елекронското јавно наддавање е во висина на почетната цена за една целина утврдена во самиот јавен оглас.
ПОЧЕТНА ЦЕНА
Почетната цена по хектар во постапка по овој јавен оглас се утврдува во зависност од катастарската класа и местоположбата на земјиштето.Почетната цена за земјоделското земјиште од:
- I и II катастарска класа изнесува 120 Евра,
- III и IV катастарска класа изнесува 90 Евра,
- V и VI катастарска класа изнесува 60 Евра и
- VII и VIII катастарска класа изнесува 30 Евра, во денарска противвредност по среден курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на уплатата.
Доколку земјоделското земјиште се наоѓа над 1.000 метри надморска височина почетната цена на закупнината за земјоделското земјиште од:
- I и II катастарска класа изнесува 60 Евра,
- III и IV катастарска класа изнесува 45 Евра,
- V и VI катастарска класа изнесува 30 Евра и
- VII и VIII катастарска класа изнесува 15 Евра во денарска противвредност посреден курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на уплатата.
Доколку предмет на јавен оглас е блок со природни граници формиран од повеќе катастарски парцели со различна катастарска класа или географска целина составена од повеќе блокови со природни граници, се утврдува просечна почетна цена по хектар сразмерно на површината на катастарските парцели со различна катастарска класа кои го сочинуваат блокот со природни граници, односно географска целина составена од повеќе блокови со природни граници.
ДОСТАВУВАЊЕ НА ПОНУДАТА
Образецот за учество на јавниот оглас (понуда), може да се подигне во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Подрачните единици на Министерството и од веб страната на Министертвото, истиот мора да се пополни со сите потребни податоци и да се достави со потребната документација во затворениот коверт, во спротивно понудата нема да биде разгледувана.
Понудата и другата потребна документација се доставуваат во затворен коверт на кој во горниот лев агол треба да стои ознаката „не отварај„ „Понуда по Јавен оглас бр.02/21 за земјоделско земјиште под закуп за површини над 3 хектари по пат на електронско јавно наддавање во регион (се впишува регионот) и во средина„Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ул.Аминта Трети бр.2 Скопје” во рок од 20 дена од денот на објавувањето на јавниот оглас во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Ковертот не треба да содржи никаква ознака со која би можел да се идентификува понудувачот, односно испраќачот.
За дополнителни информации понудувачите може да се обратат до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство или да ја посетат веб страницата на Министерството www.mzsv.gov.mk.
