Земјоделците во Прилепско-кривогаштанскиот регион ги поднесоа барањата за претрпените штети од невремето на 21 јуни годинава. Комисиите ги проценуваат штетите и ги изготвуваат извештаите. До двете прилепски комисии се поднесени 275 барања, а до комисијата во општина Кривогаштани околу 370. Таму е завршена работата на терен, а во Прилеп комисиите ќе имаат работа овој месец.
Според Жан Петанчески, претседател на комисијата за процена на штети најпогодени се житните, градинарските култури и тутунот, а речиси секоја година има непогода во Тополчанско и Канатларци.
– Пријавувањето заврши на 2 јули, од понеделникот почнавме да работиме на теренот за процена на штетите. Површините се големи. Бевме во атарите на селата Тополчани, Чепигово, Тројкрсти, Канатларци каде што се најголемите штети. Штетите се од 40 до 80 проценти и земјоделците, главно, реално ги прикажуваат. Работата е завршена околу 40 проценти. Но има земјоделци, 20 до 30 проценти кои не можеа да пријават поради нерешените имотно-правни односи. Сега треба да ги подготвуваме записниците и земјоделците да ги потпишат, па да се поднесат до Советот на Општината – вели Петанчески.

Жарко Северкоски, претседател на комисијата за елементарни непогоди во Прилеп апелира земјоделците да го осигуруваат родот, да се едуцираат и да ги користат можностите што ги дава државата.
– Климатските промени прават сѐ почесто да има непогоди, речиси секоја година во последно време, ама малку земјоделци го осигуруваат родот, дел поради недоверба во осигурителните компании, дел поради неинформираност и неедуцираност. Апелирам да се едуцираат, да се информираат и да ги користат погодностите што ги нуди државата. Може да добијат обештетување, но друго е кога родот е осигуран – вели Северкоски.
По проценката ќе се подготви извештајот за да го усвои Советот на Прилеп, а потоа ќе се испрати до второстепената владина комисија.
Извор: МИА
