Денеска ќе се одржи средба за животна средина онлајн. Целта на средбата е да се дадат насоки и заклучоци кои ќе служат во креирањето патоказ за декарбонизација на регионите на јаглен во земјата преку концептот за праведна транзиција кој обезбедува никој да не биде изоставен, а најмалку не работниците и заедниците.
Организаторите информираат дека средбите за животна средина претставуваат платформа за континуиран дијалог, која ги обединува сите релевантни и засегнати страни, со цел креирање заеднички препораки и решенија за тековните или очекуваните проблеми од областа на животната средина.
Средбите се одржуваат како заеднички проект помеѓу канцеларијата на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Скопје и „Еко-свест“, Центар за истражување и информирање за животната средина и резултираат со кратки препораки за сите донесувачи на одлуки од областа.
– Во 2019 година, Владата на Македонија одобри нова Национална стратегија за развој на енергетиката која има за цел целосен прекин на употребата на јагленот до 2028 година. Амбициозната политика е потврдена со плановите за оданочување на СО2 и најавената праведна транзиција. Оваа година беше обележана со усвојување на ревидираниот Национално утврден придонес (NDC), со цел за 51 отсто намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивото од 1990 година. Ова е уште една потврда за силните заложби на сегашната Влада во декарбонизирање на нашата економија, каде што енергијата игра многу важна улога, информираат од Фондацијата „Фридрих Еберт“.
Дали тоа ја потврдува позицијата на Македонија како регионален шампион во „Праведната транзиција“? Кои се националните и регионалните планови? Дали прекинот на употреба на јагленот ќе донесе нови можности за вработување? Дали заедниците и синдикатите се вклучени во процесот што треба да осигури дека „никој нема да биде изоставен“?, се дел од темките на кои ќе се дебатира на средбите за животна средина.
Извор: МИА
