Ѓубрење- Пченицата има големи потреби од хранливи материи. Најголеми потреби има за азот, фосфор, калиум. Покрај тоа има потреба и од калциум, магнезиум, сулфур, железо, натриум, како и од микроелементи бор, манган, бакар и др. Поголем дел од овие елементи ги има во почвата или како споредни состојки во ѓубривата, затоа нема потреба да се додаваат со ѓубрењето.
Азот, фосфор, калиум се елементи кои ги нема доволно и треба да се внесуваат со ѓубрењето. Ѓубрењето треба да е рационално, а кои количини ќе се употребат зависи од планираниот принос, сортата, обработката, составот на почвата (за што е пожелно да се направи агрохемиска анализа на почва од која ќе се добијат резултати за количината на хранливи елементи во почвата, а врз основа на тоа ќе се планира количината на ѓубрива кои ќе се употребат). Покрај основното ѓубрење, житните култури имаат потреба и од прихранување во текот на вегетацијата.
Прихранување – тоа е важна мерка при одгледување на пченицата која може да го зголеми приносот за околу 20%. Тоа се применува во критичен период за растението – фаза на братење. Се користи азотно ѓубриво зашто азотот е важен за големината на лисната површина, за бројот на класови, за бројот на зрна во класот и за тежината на зрната.
Има повеќе начини на прихранување. За наши услови се препорачува следното: 1/4 од азотот се внесува пред сеидба, а остатокот во едно или две прихранувања и тоа: *едно прихранување се применува кога посевот е добар, има добро братење и на средно тешки или тешки почви. Тоа треба да се изврши со почеток на вегетација (зависно и од временските услови) крај на февруари, почеток на март. *две прихранувања се применуваат кога посевот покажува знаци на недостиг на азот, на лесни песокливи почви со високо ниво на подпочвени води, кога има опасност од загуба на големи количини азот, на стрмни терени каде што има опасност од ерозија или кога од посевот се очекува висок принос. Кои количини на азотно ѓубриво се потребни, најдобро се одредува со извршување на агрохемиска анализа на почвата. Во отсуство на оваа анализа количините се одредуваат врз основа на искуствени норми, при што предвид се земаат состојбата на посевот, сортата, предкултурата како и нејзиното ѓубрење, хидролошките услови и друго.
Првото прихранување се изведува крај на февруари, почеток на март (фаза на братење) зависно од плодноста на почвата, временските услови и сл. При што се користи 100кг/ха КАН (27% азот) или 75 кг/ха УРЕА 46% азот). За првото прихранување поприфатливи се ѓубрива во нитратна форма Второто прихранување се врши 20-тина дена по првото (до фаза почеток на вретенисување) со 100кг/ха КАН или 75 кг/ха УРЕА. За второто прихранување прифатливи се ѓубрива во нитратна и во амонијачна форма. Кај јачменот прихранување може да се врши нешто порано во споредба со пченицата. За пченицата треба да се внесе околу 80-120 кг чист азот по ха. За ридски, сушни места, со лош воден режим и кога се одгледуваат помалку приносни сорти, најмногу треба да се внесе до 100кг/ха чист азот. Во низински места за поприносни сорти за почви со подобар воден режим и погусти посеви да се внесе до 120 кг/ха чист азот. За јачменот треба да се користат помали количини односно 60-100кг/ха и да се внимава зашто тој е помалку отпорен на полегнување. Тоа посебно важи за поплодни површини при што се земаат помалите дози од ѓубривото. За прихранување на `рж и овес се користат истите количини како кај јачменот. Во овие количини азот кои се препорачуваат се смета и азотот кој е внесен со основното ѓубрење од есен.
Многу е важно ѓубривото да се распореди рамномерно, тоа подобро се постигнува со машинско растурање, со ѓубрерастурачи, за што пак најпогодни се гранулирани ѓубрива.
Гранулираните ѓубрива можат да бидат:
– Амонијачно-нитратни: чист амониум нитрат (амонијачна шалитра), калциум амониум нитрат (КАН). Амониум нитратот содржи 33-35% азот, добро се раствора во вода и има слабо кисела реакција. Погоден е за ѓубрење на сите земјоделски култури и почви. Треба да се внимава затоа што продолжително ѓубрење со амониум нитрат води кон закиселување на почвата. КАН-от има неутрална реакција и затоа е погоден за сите видови почви ,а посебно за киселите. Тој содржи 27% азот. Ова ѓубриво лесно се чува и растура.
– Амидни ѓубрива. Тука спаѓа карбамид или уреа. Содржи до 46% азот, добро се раствора во вода, има кисела реакција и треба да се внимава при употреба на кисели почви. Ако цела прихрана се врши со уреа тогаш прихраната треба да биде во два наврати затоа што при поголема количина заради високата концентарција на азот може да дојде до оштетување на растенијата. Уреата за прихрана може да се користи и фолијарно, но мора да се внимава на концентрацијата на растворот.
Начини на ѓубрење:
– Рачно прихранување. За овој начин најпогодни се гранулирани ѓубрива, а најлоши се прашкастите со мала специфична тежина. Недостаток на рачното ѓубрење е мал учинок по работник, нерамномерно распоредување на ѓубривата како и штетно влијание на ѓубривото врз здравјето на човекот.
– Механизирано прихранување – тоа е најпогоден начин во современото земјоделско производство кое се врши со соодветна механизација за таа цел – ѓубрерастурачи. Најмогу се користат центрифугални ѓубрерастурачи кои можат да бидат влечени или носени и тие пред сè, се наменети за гранулирани ѓубрива.
– Авионска прихрана одговара за големи површини. Може да се примени во случаи кога не може да се влезе во нивата со механизација поради зголемена влага на почвата. Треба да се врши при тивко време за равномерно да се распредели ѓубривото.
– Фолијарно ѓубрење – се применува кога растението има формирано доволно голема лисна маса, додека лисјата се во пораст и метаболизмот е интензивен. За тоа се користат прскалки во кои ѓубривото е во воден раствор, при што може да се применува само ѓубриво или во комбинација со некои средства за заштита. Треба да се изведува при облачно време и висока релативна влажност на воздухот. За фолијарно ѓубрење на житните култури можат да се користат кристални лесно растворливи ѓубрива, но во последно време на пазарот се јавуваат и течни ѓубрива кои се користат за оваа намена. Во овие ѓубрива покрај основните елементи има и микроелементи кои им се потребни за нормален развој на житните култури. Фолијарното ѓубрење значи континуирано додавање на мали количини од потребните елементи во одделни фази од порастот на растението. Покрај азот, фосфор, калиум, со овие ѓубрива се додаваат и манган, цинк, железо и други.
Советник Дип. инг. агр. Слаѓана Калајџиеска Бебекоска
АПРЗ РЕ Струга
Прихрана на житни култури
Остави коментар
Остави коментар
