Членовите на јадрената група на пчелари од брегалничкиот регион „Меден Исток“, Гоце Ружински и Тони Димитров, кои применуваат биотехнички методи во нивното пчеларење, без употреба на синтетички хемиски средства, освоија златен, односно сребрен медал за квалитет на мед на меѓународната манифестација „Tetovo, Honey Award 2020“ во конкуренција на 370 мостри мед од 17 држави и од три континенти.

Настанот беше организиран од страна на здруженијата „Град на пчелите“ и „Полошки мед“ во соработка со Факултетот за прехранбена технологија и исхрана на Универзитетот во Тетово. Квалитетот на медот го оценуваа реномирани стручни лица од оваа област, врз основа на органолептичка анализа, изработена од страна на три екипи составени од универзитетски професори и истакнати пчелари и хемиска анализа на примероците.
Овие награди се уште еден доказ за квалитетот и вредноста што се добива со одржливото производство во пчеларството за што се залагаме како здружение „Меден Исток“.

