Благосостојбата на животните е израз кој сè повеќе се применува кога станува збор за сточарството, а е дел од стратегијата „Од поле до трпеза“ на европскиот Зелен план.
Забраната за кафезно одгледување на несилки, убивањето на машките пилиња по изведување од јајцето, колењето на животните по верски правила, транспортот на стока со бродови – се само некои од појавите во овој сектор кој за некоја година може да стане минато, пренесува Агроклуб.
И чувањето на говедата заврзани, во Германија се смета за застарено, бидејќи не се вклопува во сликата за благосостојба на животните. Во Германија поедини млекарници за млекото од кравите чувани на тој начин даваат пониска цена, пишува Бр.де.
На пример, баварската фабрика за млеко „Berchtesgadener Land“ дава два евроцента помалку по литар млеко од крави врзани во штали, но исто така ги наградуваат оние чии животни излегуваат на пасење со 3,5 центи повеќе.
Треба да се напомене дека откупната цена во Германија е 35 центи за литар поради што есеноска земјоделците беа на улиците.
Ова не е единствена таква млекарница. Во тој дел на Германија има многу такви примери, а разликата оди дури до 6,5 евроценти за литар. Млекарницата „Bauer“ дури веќе не сака да преработува млеко од фармите кои кравите ги чуваат на тој начин. Тие и понатаму го откупуваат млекото, но го препродаваат.
Притисокот доаѓа од страна на продавачите на прехранбени производи, односно купувачите. „Сè повеќе купувачи обрнуваат внимание на тоа од каде доаѓа млекото или месото. На нивната желба секако мора да се покориме“, изјави Бернд Охлман од баварската задруга на мали трговци.
На прехранбените производи освен содржината на млечни масти, нутритивните вредности и рокот на траење, сè почесто можат да се пронајдат и написи за тоа како животното е одгледувано, на пример, дали пасело или имало пристап до природно опкружување во текот на целата година.
Поради сето ова земјодлеците се чувствуваат загрозени и несигурни бидејќи досега ниту една баварска млекарница не одредила до кога ќе се откупува млеко од оние чии крави цела година се врзани.
Производителите кои се членови на задруги се во нешто поповолна ситуација бидејќи таму постои обврска за откуп. Истовремено, задругата на приватни млекари ги поддржува советодавните програми за земјоделците, со кои се едуцираат како да се прилагодат на новонастанатата ситуација.
