Шпанскиот град Севиља, започна пилот-проект со кој метанот собран при ферментација на портокалите ќе се користи за производство на чиста енергија, пишува британски Гардијан.
Пилот-проектот го лансирала локалната водоводна компанија „Emasesa“, а со него се предвидува 35 тони од ова овошје да се искористат за добивање на чиста енергија потребна за работа на една од градските постројки за пречистување на водата.
Портокалите изгледаат убави кога се на дрвјата, но кога ќе паднат под тркалата на автомобилите стануваат лепливи и покриени со муви. Севиља со години има проблем со портокалите кои паѓаат од големиот број стебла низ градот, а за нивно отстранување се ангажирани околу 200 луѓе од надлежните служби.
Со пилот-проектот портокалите ќе се користат во веќе постоечката постројка за производство на електрична енергија од органски материи, а гасовите собрани при нивна ферменатција ќе се користат како погонско гориво за генераторите.
„Се надеваме дека наскоро ќе бидеме во состојба да ги искористиме сите градски портокали“, изјавил Бенињо Лопез, шеф на одделението за заштита на животната средина во компанијата „Emasesa“. Според неговата проценка, за да се постигне тоа, потребно е градот да инвестира околу 250.000 евра во овој проект.
Како што објаснил Лопез, портокалите се проблем за градот, а на овој начин ќе успеат да создадат дополнителна вредност од отпадот на ова овошје.
Во овој момент примарна цел е енергијата добиена од портокалите да се искористи за придвижување на системот за пречистување на водата, додека конечниот план е вишокот на енергија да се врати во мрежата. Членовите на тимот кои стојат зад овој проект тврдат дека неговиот потенцијал е огромен, со оглед на големите количини овошје кои во спротивно би завршиле на депонија или би се користеле како ѓубриво. Тие наведуваат дека испитувањата покажале дека од 1.000 кг портокали ќе бидат произведени 50 киловат часови, што е доволно со електрична енергија дневно да се снабдуваат пет домаќинства.
Исто така сметаат дека доколку како извор се искористат сите достапни портокали во Севиља, а добиената електрична енергија се врати во мрежата, ќе можат да се снабдат дури 73.000 домаќинства.
