Регионалната стопанска комора, градоначалниците на Битола и Прилеп со министерот Бочварски и вицепремиерот Битиќи на средба во Прилеп разговаара за условите за подобрување на економијата во Пелагонија. Со нив беше и директорот на техолошки индутсриските развојни зони Деспотовски. Главниот акцент беше ставен на патната инфраструктура и поврзувањето на регионот. Мирко Велковски од регионалната стопанска комора кажа како е, како било, а и како може да биде подобро.
Тој посочи дека Пелагонискиот регион е втор по големина со 8300 правни субјекти, со 220 илјади жители, кој создава 13% од БДП, а кој до 1996 година создаваше 16 проценти од БДП и дека во овој регион се произведува 65% од вкупното производство на тутун, 300 илјади литри млеко, со енергија 90%. Меѓутоа сите овие бројки би биле уште поголеми ако ние овие наши барања кои се повеќе од 15 години се реализираат, а дека најбитно е поврзувањето и нас ни треба автопат“, кажа Велковски.

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска рекоа дека со модернизација на патната и железничката инфраструктура значително ќе се придонесе за економски развој на Пелагонискиот регион.
„Целта на денешниот состанок беше да зборуваме за предлозите и идеите кои ги дадоа Регионалните стопански комори од Прилеп и Битола, кои беа упатени и до премиерот, вицепремиерот, до Владата, во насока на преземање на се’ што е потребно за подобрување на инфраструктурата во овод дел од нашата земја. Познато е дека Пелагонискиот регион заостанува со патната инфраструктура и затоа треба час поскоро да се подобри нејзината состојба“, изјави градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.
„Факт е дека инфраструктурата во Пелагонискиот регион е запоставена во изминатиот период и дека можеби токму овој состанок со сите засегнати страни, локалната и централната власт и бизнис заедницата, ќе овозможи за скоро да се консолидираме“, рече градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски подетално се осврна на инвестициите во инфраструктурата во Пелагонискиот регион при што истакна дека во изминатиот тригодишен период во овој регион се случуваше силна инвестициона активност во делот на целокупната инфраструктура.
„Морам да спомнам дека наследивме многу проекти со проблеми несвојствени за градежништвото, но сакам да укажам дека веќе сето тоа е надминато и сега имаме чист терен за работа. Верувам дека стопанствениците ги интересира Коридор 10 д, кракот од Градско, па се до границата со соседна Грција, и еве накратко ќе се обидам да дадам јасна слика за состојбата и активностите што ги преземаме за модернизација на овој Коридор. Ги надминавме сите состојби со стариот изведувач на изградба на експресниот пат делница Градско до клучка Дреново. Градежните активности ги презеде компанијата Штрабаг и тие веќе од минатиот месец се воведени во работа и верувам со подобрување на временските услови ќе се засилат градежните работи. Инаку до сега физичкиот прогрес изнесува 33%. Понатаму, за втората фаза, од клучка Дреново до Фаришка клисура, знаете дека изведувачот го напушти градилиштето, а ЈП за државни патишта објави нов тендер за доизградба на преостанатите 65 % од оваа траса. Во овој момент се врши евалуација на пристигнатите понуди. За третата фаза – Проширување на делница од Прилеп до мост на Ленишка река и изградба на трета лента од село Беловодица до Каменолом Маврово, се врши проектирање. Се очекува тоа да биде завршено до крајот на март и потоа во мај веднаш ќе се распише тендерот за изведување на градежните работи. Во меѓувреме ќе се рехабилитира магистралниот пат Фаришка Клисура – Прилеп, практично третата лента на Плетвар. Тендерската постапка заврши, а постапката е во фаза на евалуација. Владата предвиди и изградба на автопатско решение од Прилеп до Битола. И на крај за оваа година предвидена е рехабилитација на државниот пат од Битола до граничниот премин Меџитлија. Уверуваме дека сите овие инвестиции ќе дадат силен инпут во економскиот раст и развој на Пелагонскиот регион, а ние како Влада остануваме фокусирани на унапредување на целата инфрастуктура за да создадеме квалитетна патна мрежа и да овозможиме брз и безбеден транспорт на стока и патници“, објасни Бочварски.
Повеќе на следниот линк
