Со воведувањето на субвенциите за тутунот по класи, (за што јас бев против, бидејќи сметав дека 1 евро субвенција за тутунот е одлична стимулација и не треба да се менува) се зголеми интересот на нови производители кои во ова производство видоа добар бизнис.
Почнаа да садат на големи површини, користеа модерна технологија, инвестираа во производството, парите за нив не се проблем, ангажираа работници и добиваа тутун со висок квалитет кој нормално им донесе и високи субвенции по класи. Од друга страна, оние кои живеат од тутунот, продолжија да го произведуваат на истиот начин, со истите маки, работа, позајмени пари кои ги вложуваа, продолжија да плаќаат кирија за земјата што не е нивна (ја земаа од големи што имаа добиено на концесија), се мачеа пак по старо и произведуваа повторно иста количина со ист квалитет. За нив ништо не значеше зголемувањето на субвенцијата по класи. Можеби за региони како Општина Конче каде поради поднебјето се произведува квалитетен тутун па така од зголемувањето на субвенцијата за прва класа од 80 денари имаа ќар и тие.
Генерално, зголемување на субвенциите по класи ја поремети динамиката на производство и откуп на тутунот. Се беше во ред додека имаше висока откупна цена, како лани па сите беа задоволни. Но лани квалитетот на тутунот беше одличен, а и откупните претпријатија имаа поголем интерес.
Годинава за жал, ситуацијата е поинаква. Сите се согласуваат дека тутунот не е со тој квалитет како лани, но и откупните претпријатија имаат залихи, па понудата и побарачката си го направија своето. Државата во однос на механизмите за помош на земјоделците има ограничени можности. Прво и основно не може да се меша во одредување на цената, откупните претпријатија се приватни компании. Законските можности кои ги има е второстепена комисија за проценка на класата, да следи дали откупните претпријатија ги почитуваат условите пропишани со закон и просто да ги замоли да излезат во пресрет за они количини кои немаат договор, за што се доби позитивен одговор. Во откупот, толку.
Државата може да влијае кај висината на субвенциите, но имајќи предвид дека од вкупните директни субвенции од 100 милиони евра за сите земјоделци и сточари, дури 30% или 30 милиони евра се за тутутонопроизводителите, неиздржано е да се бара или да се очекува да зголеми уште субвенцијата. Исто така, тутунарите и први земаат субвенција, штом го предадат тутунот, уште една привилегија за нив.
Според изјавата на министерот, по средбата со сите учесници во процесот, јасно е дека откупот всушност не е започнат од страна на сите откупни претпријатија и досега се откупени само 260 тона од очекувана реколта од 23 000 тони и тоа со просечна откупна цена од 163 денари. А знаеме дека на почетокот на откупот, традиционално земјоделците го носат тутунот со послаб квалитет и на некој начин се „пазарат“ со откупувачите и создаваат перцепција во јавноста за ниска цена и лош старт на откупот. Треба да се почека да отворат сите други откупувачи па дури тогаш ќе се знае каков старт има откупот.
Исто така изненадува и фактот дека на тоа масовно незадоволство, нема ниту една оспорена проценка на квалитетот на тутунот што значи барање за второстепена комисија. А за потсетување тутунарите на откупот не се сами. Покрај проценителите кои се претставници на откупувачите, присутен е повереник, претставник од Сојузот на тутунарски здруженија, кој во суштина значи друг тутунар кој знае да процени која класа и каков квалитет е тутунот. Тој всушност му е гаранција на производителот и треба да биде на страна на вистината, односно каков тутун предава тутунарот на откупниот пункт.
На последната средба на министерот со откупувачите и земјоделците, дополнително ги повика сите, а ги охрабри тутунарите да ја користат второстепената комисија, наместо повиците за штрајкови и протести, во одбрана на квалитетот на нивниот тутун. Тој искажа подготвеност и лично да дојде при можни злоупотреби при откупот. Но во исто време ги повика тутунарите да имаат чесен однос да не подметнуваат во класата полош тутун и на тој начин да ја губат довербата на откупните претпријатија.
Министерот дополнително соопшти дека нема да дозволи никави притисоци кон тутунопроизводителите и поверенците, никакви закани за несклучување на договори за наредната реколта.
Како и да е, на тутунарите и откупувачите не им треба вакви тензични состојби како оваа. Нa сите им треба фер откуп и партнерски однос на производителите и откупувачите и на тоа треба да се инсистира.
Ленче Николовска
