Во Шпанија, се повеќе се зголемуваат земјоделските површини насеани со коноп , а високите цени привлекуваат се повеќе земјоделци кои сакаат да ја одгледуваат оваа култура.
Поради цената која што се движи од 600 до 800 евра за килограм, конопот забрзано добива се поголема популарност во шпанската провинција Алмерија. Засеаните површини со оваа култура се зголемуваат во последните години, а до денес има насеано речиси 100 хектари, информира „ФрешПлаза“.
Шпанските земјоделци и даваат шанса на новата култура, бидејќи расте побарувачката на пазарот. Постојат многу индустриски производи од коноп, но најголемиот дел од растот се должи на производството на производи од канабидиол – не-психоактивна компонента, популарна денес поради своите лековити терапевтски својства, и е легална во Шпанија.
Разликата помеѓу одгледувањето индустриски коноп и марихуана е во содржината на тетрахидроканабиол – супстанца што генерира психотропно дејство и чие ниво мора да биде под 0,2% за да биде легално.
Според законодавството во Шпанија, одгледувањето на коноп не се разликува од она на пиперките или доматите, што создава правна конфузија, бидејќи трансформацијата или екстракцијата на канабидиол не се одвива без дозвола на Шпанската агенција за лекови.
Алмерија има идеална клима за одгледување коноп. Потрошувачката на вода е минимална. Нема потреба за кој знае колку ѓубриво или рачна работа. Единствено семето мора да биде потврдено од Европската унија.
Но, не е сè толку розово за производителите на оваа профитабилна култура. Темната страна се крадците. Земјоделците мора да ангажираат чувари и да инсталираат видео надзор. Некои дури и ноќеваат во пластеници.
Како што цената на конопот расте, кражбите на фармите се зголемуваат, вели Хозе Марија Салвиде од локалната полиција.
Извор: Агри.бг
