Екипи опремени со силна заштитна опрема, со правосмукалки го исчистија првото гнездо на таканаречените „стршлени убијци“ во САД, поточно во западно американската држава Вашингтон.
Екипите од одделението за земјоделство во оваа држава, со недели ги барале стршлените и при ловењето користеле конец за заби за да ги поврзат уредите за следење на овие азиски гигантски стршлени чиј убод може да биде многу болен но исто така претставуваат голема закана за пчелите.

Гнездото со големина на кошаркарска топка било пронајдено во градот Блејн близу канадската граница, а во него, според научниците кои во петокот објавија дека го пронашле, имало помеѓу 100 или 200 стршлени.
Екипи опремени со специјална заштита, со помош на правосмукалки ги вшмукале инсектите од дупките во дрвото во големи контејнери. Заштитната опрема, спречувала овие инсекти да допрат до работниците, кои исто така носеле и заштита за лице бидејќи овие стршлени можат да исфрлат опасен отров во очите.
„Дрвото ќе биде исечено за да се извлечат младите стршлени кои можеби ги има и да се види дали матиците веќе го напуштиле гнездото“, велат научниците. Официјалните лица се сомневаат дека е можно да има уште гнезда со стршлени во таа област и ќе продолжат да бараат.
И покрај големата врева околу пронаоѓањето на гнездата со најголемите стршлени на светот, се смета дека тие убиваат најмногу десетина луѓе годишно во азиските земји, а можеби и помалку Од друга страна пчелите и осите, во САД убиваат во просек 62 лица годишно, наведе Центарот за контрола и превенција на болести.

Најголема закана од гигантските азиски стршлени, кои се долги пет сантиметри, е нивниот разорен напад врз пчелите, кои исто така се погодени со други проблеми како што се болести, пестициди и недостатокот на храна.
Овие инсекти обично се наоѓаат во Кина, Јапонија, Тајланд, Јужна Кореја, Виетнам и други азиски земји. Американската држава Вашингтон и Канадската провинција Британска Колумбија се единствените места во американскиот континент, каде што се пронајдени овие стршлени.
Извор: Бета.рс
