И во ЕУ ќе правиме ајвар, ќе пиеме ракија и ќе зборуваме македонски! Скептиците по прашањето на иднината на Македонија во Европската унија, за да го поткрепат својот скептицизам, пласираат некои измислени приказни и со тоа, демек, сугерираат дека Македонија не треба да влезе во ЕУ. Дека со влегувањето губи, не само самостојноста, туку и многу традиционални навики, како правењето ајвар, колењето прасе, биењето на камбаните и слични небулози.
Обично, скептици се луѓе што никогаш не биле во земјите на ЕУ, или ако биле не донеле ништо од таму, ниту во културолошка смисла, ниту како фасцинација од сите тие убавини. Затоа што еноставно балканското перде им ја има убиено моќта на забележување и моќта да се препознае убавината.
За нив е сеедно дали европските улици се чисти, дали се почитуваат сообраќајните правила, дали се почитува редот, дали се дава предност на пешакот, дали услугите се брзи и ефикасни, дали возовите доцнат итн. Не, тоа не се забележува. Само тврдоглаво се вергла: „Што бараме во ЕУ, таа скоро ќе се распадне, а и ќе ни наметне други животни навики“.
И во ЕУ ќе правиме ајвар, ќе пиеме ракија и ќе зборуваме македонски!
Толкувањата на „пазарот рекла-казала“
Текстов што следува е дел од поголем текст што се наоѓа на страницата на Секретаријатот за европски прашања. Достапен е за секого и е многу интресен, едукативен дури и занимлив. Од него ќе пренесеме неколку извадоци. Толкувањата на „пазарот рекла-казала“ се:
- Малите праски нема да можат да се продаваат
Не е точно!
Праските произведени на органски начин вообичаено се помали од оние што се произведуваат на модерен начин. Но, производството на органски праски нема да запре и уште повеќе, тенденцијата на ЕУ е да го поддржува органскиот начин на производство.
Единствено праските, што се небезбедни за исхрана (вообичаено тие се ситни и незрели), треба да останат надвор од пазарите. И досега македонските закони налагаа производство и продажба на исклучиво здрави производи за исхрана. А влезот во Унијата, секако, значи и зајакнати стандарди за квалитетот на храната, со цел зголемување на квалитетот на животот за жителите на големото европско семејство.
- Ќе се плаќа посебен данок за секоја мобилна и фиксна телефонска линија
Не е точно!
ЕУ воопшто не планира да воведува ваков или сличен данок. Пред извесно време Европската комисија направи истражување за наоѓање нови извори за заедничкиот буџет. Беше заклучено дека ваквиот вид на данок не е потребен и дека сегашните извори на заедничкиот буџет се доволни.
- Мртвите животни мораат да се изгорат пред да бидат закнпани
Не е точно!
Европската унија, во „Директивата за животински отпад“, наведува т.н. „случаи на висок ризик “, односно дека само животните со опасни болести мора да бидат изгорени за да бидат отстранети патогените организми, а потоа закопани. Ова е така, бидејќи не така одамна, во некои од земјите-членки се појавија сериозни болести кај животните, како што се: кравјото лудило, птичјиот грип и слично. Ако мртвите животни, заразени од опасни болести, не би биле соодветно третирани пред нивното закопување, постои реална опасност вирусите што се наоѓаат во нив повторно да заразат други животни, но исто така и човековото тело.
- Биењето на камбаните и пеењето на поповите и на оџите ќе биде забрането
Не е точно!
Вревата е една од категориите што им пречи на сите граѓани, повеќе или помалку, во овој или оној период од денот. Поради тоа, во Унијата има ригорозни прописи за заштита од бучава. Но, под терминот бучава, Унијата не ги подразбира и верските потреби на граѓаните. Првенствено тука доаѓа бучавата од автомобилите, разните градежни машини како и бучавата на која се изложени работниците на работните места.
Извршувањето на верските обреди, не само што не е забрането, туку и во самите темелни вредности на Унијата се наоѓаат верските права и слободи, како дел од човековите права и слободи.
Јазиците на помалите народи во ЕУ- не се запоставени
- Македонскиот јазик ќе го изгуби своето значење за сметка на англискиот и на јазиците на поголемите држави
Токму обратно!
Секоја земја-членка на Унијата има право на употреба на својот јазик и тоа на ниво на официјален јазик во Унијата, кој може да биде користен и пред ЕУ институциите.
И покрај тоа што најголемиот дел од населението во Европската унија зборува на англиски, на француски, италијански, на германски и на шпански јазик, јазиците на помалите народи во неа воопшто не се запоставени. Употребата на еден од горенаведените јазици е поради бројноста на населението чиј мајчин јазик е еден од горенаведените јазици. Преку влезот во Унијата, јазиците на помалите народи добиваат уште едно меѓународно признание и шанса за зголемена интернационална употреба.
Сите документи што имаат статус на официјални документи во Унијата мора да се преведат на нејзините официјални јазици.
- Полоши трговски односи со САД
Напротив, ќе се подобрат!
Новите земји-членки се обврзани да ги прифатат актуелните трговски договори, а наедно, сите земји-членки на ЕУ и САД се и членки на Светската трговска организација, која e најголем регулатор на светските трговски односи.
Влезот на Македонија во Европската унија ќе овозможи не само поголеми шанси за развој на трговијата со САД туку и поголеми шанси за инвестиции на компаниите од САД во Македонија.
- Крај на традиционалниот начин на производство на ајвар
Не е точно!
Една од препознатливите карактеристики на Европската унија е нејзината огромна и ригорозна грижа за квалитетот на прехранбените производи. Во Македонија веќе постојат квалитетни правилници за хигиената на прехранбените производи. Ваквите прописи се однесуваат и на ајварот. Сепак, овие правилници повеќе се однесуваат на ајварот што се произведува индустриски и е наменет за малопродажбата во Македонија и надвор од неа.
Индивидуалното производство на ајварот што останува на домашните трпези, нема да биде подложено на контрола од страна на националното тело. Но, ајварот произведен во домашни услови, а потоа изнесен на некој од зелените пазари, ќе треба да биде повлечен од продажба. Ако сакате да произведувате ајвар за малопродажба, тогаш ќе морате да имате регистрирано фирма. И секако да ги подмирите давачките кон државата.
И животните чувствуваат болка
- Колењето домашни животни ќе биде забрането
Дали граѓаните на Унијата толку лесно ќе се откажат од свинското месо? Се разбира, не.
Европската унија го забранува несоодветното колење животни. Тоа значи дека животните мораат да бидат заклани на место со соодветните хигиенски услови за тоа. Животните, иако немаат разум, тие, сепак, чувстуваат болка. Поради тоа, прописот на Унијата предвидува, пред секое колење, животното да биде зашеметено, а дури потоа заклано. Традиционалниот начин на колење животни ќе биде ист. Едноставно, практиката на колење во несоодветни услови ќе треба да биде сменета и тоа и за доброто на производителот и за доброто на купувачот.
- Забрана за производство на домашно сирење
Се разбира дека и ова не е точно!
Но, точно е дека сирењето не смее да се произведува од непастеризирано млеко. Тоа е стандард за заштита од производство на сирење што би можело да биде опасно за здравјето. Нашето квалитетно сирење и натаму ќе се произведува со нови можности за извоз на пазарот на Европската унија. Но ќе мора да се почитуваат минимум хигиенските стандарди за производство на сирењето и на останатите млечни производи.
- Кривите банани нема да можат да се увезуваат и да се употребуваат
Ова е целосно неточно!
Унијата има прецизно утврдени стандарди за квалитетот на земјоделските производи.
Од друга страна, бананите се класифицирани според квалитетот и големината не само во Унијата, туку и во рамките на меѓународната трговија. Но, тоа воопшто не го забранува увозот или употребата на банани, туку ги класифицира видовите на банани. Поради тоа, не треба да сметаме дека ќе се забрани увозот на банани, туку дека тие ќе бидат со пропишан квалитет, каков што заслужува да го добие европскиот потрошувач.
- Домашната ракија нема да може да се произведува
Не е точно дека по влезот на Македонија во ЕУ нема да може да се произведува нашата ракија!
И во ЕУ ќе правиме ајвар, ќе пиеме ракија и ќе зборуваме македонски!
Вистинскиот проблем е во тоа што ЕУ не дозволува пијалоците со висок процент на етил алкохол да не бидат оданочени и тоа акцизно. А исто така има и барање да се организира нивно легално производство. Наедно, таа бара засилена контрола за тоа кој и како произведува производи што содржат какво било количество алкохол.
Домашните навики за производство на ракија ќе се менуваат
Ракијата, како национален пијалак е вметната во националните емоции и на производителите, но и на потрошувачите и на купувачите. Но, тоа не е случај само со македонската ракија. Тоа е случај и со францускиот рум, грчкото узо, „бугарската“ мастика, некои видови на португалски ликери, италијански и дански пијалаци итн. Сиве овие пијалаци се ослободени од плаќање на официјалните акцизни стапки за етил алкохол над 40 проценти. Ослободувањето не е целосно, туку повторно мора да се плати акциза (за малите производители може и паушална стапка). И таа не смее да биде помала од просечната акцизна стапка. Тоа за македонските услови би било мошне задоволителна поволност.
Според нашиот сегашен „Закон за акцизите“, за мали производители на етил алкохол се сметаат тие што произведуваат помалку од два хектолитри алкохол годишно и тоа за свои потреби. За да платите акциза морате да вршите промет со алкохолот што сте го произвеле, т.е. да се обидете да го продадете.
И во ЕУ ќе правиме ајвар, ќе пиеме ракија и ќе зборуваме македонски! Но, за да произведувате за пазарот, не само алкохол туку и за многу други производи, потребно е да имате неколку различни типови дозволи.
Затоа одомаќените навики кај производителите на ракија ќе мораат да претрпат измени. Тие ќе мораат да се регистрираат, да добијат дозволи за работа од страна на санитарните органи и за контрола на храната. Исто така и да подлежат на контрола на санитарната, на здравствената инспекција, како и на управата за јавни приходи.
Е, па, како што вели овој текст, не е ништо страшно да се влезе во Европската унија. Напротив, нешто што сме го сметале за наша традиција, а за која не сме размислувале дека може да се прави во подобри хигиенски услови, Унијата го пропишува. Дали тоа сами не сме знаеле да го увидиме, или не сме сакале, навистиа е чудно. А важиме за нација со хигиенски навики. Или, тие хигиенски навики ги гледаме кај другиот, а не си ја гледаме на што личи сопствната трпеза. Ако е така, ако не знаеме како траба, има некој што знае. Па затоа е во ситуација да поставува услови како да се однесуваме за да седнеме на неговата маса со тој намирисан свет, со многу повисоко општо образование од нашето.
Извор – Анализа на Бране Стефановски на Анторис.мк
