Премиерот Зоран Заев денеска ќе оствари средба со претставници на лозарите во Кавадарци.
На средбата ќе присуствуваат и заменик-претседателот за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа.
Откупот на грозјето е моментално топ тема во земјоделскиот сектор. Ниските откупни цени што ги објавија некои винарии предизвикаа лавина од негативни коментари и реакциите на лозарите кои побараа поддршка од Владата и ресорното министерство.
– Ние како министерство но и премиерот Заев сме сериозно заинтересирани и интензивно работевме во овој период за изнаоѓање на решение со што ќе им помогнеме на лозарите но и на винарските визби. Во таа насока, подготвивме пакет мерки кои ќе ги соопштимe пред лозарите, а во наредните денови и со винарските визби ќе утврдиме методологија на тоа што мислиме да биде и олеснување и за винарските визби – изјави за Агротим, министерот Арјанит Хоџа и додаде дека се свесни за ситуацијата која предизвика пандемијата Ковид 19 и тоа дополнително ги потврдува заложбите да се помогне на лозаро- винарскиот сектор.
-Свесни сме дека се наоѓаме во многу тежок период особено заради здраствената ситуацијата со пандемијата Ковид19 која има директни последици врз економијата на државата, а од тука и врз ситуацијата со лозарско-винарската гранка. Затоа одржувањето на ланските цени на грозјето во вакви околности ќе биде во најмала рака позитивно, особено за лозарите – заклучува Хоџа.
Денешната средба со лозарите во Кавадарци е само уште една во низата средби, консултации и состаноци со сите чинители во овој процес. Откупот на грозјето останува во фокусот на Владата и ресорното министерство.
