Временските услови низ цела Европа имаа негативно влијание врз целото земјоделско производство, а со тоа и врз приносот на сливи. Може да се каже дека Норвешка помина најлошо, така што дури 80% од родот беше уништен поради снежните врнежи на почетокот на мај. Приносот оваа година се проценува на 600-700 тони, во споредба со 1.900 тони минатата година.
Што се однесува до белгиското производство, количините на сливи на пазарот се одприлика исти со минатата година. Иако се очекуваше приносот да биде многу поголем, пролетните мразеви исто така уништија дел од родот. Квалитетот на овошјето изгледа добро, а побарувачката за ова овошје во Белгија постојано расте.
Во Германија и Франција бербата започна малку порано
Домашните сорти моментално доминираат на германскиот пазар, а бербата оваа година започна порано. Бидејќи количините сами по себе се доволни, цените се движат помеѓу 1-2 евра за килограм. Најмногу се увазува чачанската слива и тоа од Полска , Чешка и Србија.
Раното зреење продолжи во текот на целата сезона во Франција, што ја направи оваа година посебна. Како резултат на тоа, бербата исто така ќе заврши нешто порано, а приносот се проценува дека е за третина помал од лани.
Сепак, помалите количини обезбедуваат подобар квалитет со висока содржина на шеќер. Иако цените се прилично прифатливи, побарувачката беше малку пониска отколку претходните години, пишува „Фреш плаза“.
Добри цени исто така се забележани во северна Италија. На пазарот на големо во Вињола во Модена, квалитетот на овошјето е многу добар, а цените се движат од 0,80 до 3 евра за килограм во зависност од сортата и големината. За жал, 60% од производството беше уништено поради пролетниот мраз. Сортата Регина во моментов е најпопуларна, а еден килограм чини помеѓу 2 и 3 евра. Поголема побарувачка има и за сортата Гроса ди Фелисио, чија цена е околу 1,50 евра за килограм.
Загубата на бразилскиот пазар доведе до намалување на цената во Шпанија
Обемот на производството на сливи во шпанскиот регион Екстремадура, најголемиот снабдувач со овошје во земјата, е околу 25% помал од минатата година. Иако првиот дел од сезоната беше добар, кога станува збор за побарувачката и цените, изненадувачкото губење на бразилскиот пазар доведе до нивно намалување.
Иако овошјето до одреден степен се пласира и на други пазари, како што е Индија, Европа, заедно со Бразил, и понатаму е една од главните дестинации.
Кога станува збор за Турција, ова овошје се одгледува низ целата земја, главно по должината на бреговите на Средоземното и Егејското море. Производството постојано се зголемува бидејќи и бројот на засадени хектари исто така се зголемува. Оваа година временските услови обезбедија добар квалитет на сливите. Побарувачката на јапонските сливи расте во Европа, но Турција ги испраќа повеќето од нив во азиските земји како Индија, Сингапур, Хонг Конг и Малезија.
Извор: Агроклуб
