Во завршна фаза е постапката за избор на изведувач и веќе се евалуираат понудите за проектот со кој треба да се воспостават интегрираната земјоделска информациска платформа (IAIP) и информацискиот систем за управување со земјиштето во државна сопственост (SALMIS) – рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
Како што информира, проектот надминува два милиони евра, а резултатите од него ќе се мерат преку конкретни придобивки за земјоделците.
Предвидено е имплементацијата да почне во јануари в година.
– Научното знаење, проверените податоци и европските искуства ги поврзуваме во подготовката на политиките, а резултатите од оваа модернизација ќе ги мериме преку конкретната корист за земјоделците, а тоа е поефикасно работење, подобар квалитет и поголема економска одржливост – истакна Серафимовски на отворањето на настанот „Арго експо на ЕУ-проекти”.
Според министерот, ова ќе значи и отворање професионални можности за младите во агрономијата, инженерството и информатиката.
Интегрираната земјоделска информатичка платформа е централно дигитално решение за обединување и управување со сите земјоделски податоци во земјата, а SALMIS е дел од неа и треба да овозможи целосна транспарентност и ефикасност при распределбата и мониторингот на државното земјиште.
Проектот „Проектирање, развој и имплементација на интегрирана земјоделска информациска платформа (IAIP), вклучително и информацискиот систем за управување со земјиштето во државна сопственост (SALMIS)“ се спроведува во рамките на проектот за модернизација на земјоделството, финансиран од Светската банка.
МИА

