Автори на нов важен извештај предупредуваат дека климатските промени треба официјално да се прогласат за глобална здравствена криза, бидејќи нивното влијание врз здравјето на луѓето се зголемува побрзо отколку што земјите преземаат мерки за решавање. Климатските промени станаа се посериозна хронична глобална здравствена криза, бидејќи здравствените ризици и последици нагло се зголемија откако Парискиот договор стапи на сила во 2016 година, според најновиот извештај на „Лансет Каунтдаун“.
Затоа, неговите автори ги повикуваат Светската здравствена организација (СЗО) и ОН официјално да ги прогласат климатските промени за глобална здравствена криза. Тие тврдат дека формалната декларација за криза би ја префрлила глобалната климатска акција од бавни и доброволни обврски кон задолжително, координирано управување со кризи.
Тоа би резултирало со зајакнување на системот за здравствен надзор и рано предупредување, побрза мобилизација на средства, воспоставување правно обврзувачки механизми за одговорност и воведување превентивни мерки за јавно здравје.
Тие веруваат дека таквата мерка би го одразила обемот на заканата.
„Со оглед на стареењето на населението и глобалниот раст на населението, денес се изложени на ризик повеќе луѓе отколку пред десет години, што дополнително го зголемува обемот и итноста на задачата за адаптација“, напишаа авторите на извештајот.
Индикаторите од извештајот сугерираат дека откако стапи во сила Парискиот договор, здравствените ризици и последиците поврзани со климата не само што се зголемија, туку и се забрзаа во многу области во споредба со претходната деценија.
Тоа се однесува на одредени здравствени ризици поврзани со жештините, зачестеноста на сушите, екстремните врнежи и климатската погодност за пренесување на денга треска. Побрзото темпо на овие промени покажува дека постојните мерки не се доволни за заштита на јавното здравје.
Други предложени мерки вклучуваат итна глобална забрана за истражување и експлоатација на нови наоѓалишта на фосилни горива, целосно укинување на производството на енергија од јаглен до 2035 година и транзиција кон исхрана претежно базирана на растенија.
Во извештајот се наведува дека изминатите единаесет години биле најжешкиот период откако постојат мерења и се истакнува дека бројот на годишни смртни случаи поврзани со топлина се зголемил за речиси 36 проценти во последните неколку децении.
Само во 2023 година, високите температури на воиздухот се поврзани со рекордни 710.000 смртни случаи, од кои повеќе од 70 проценти може да се припишат на климатските промени предизвикани од човекот. Во исто време, климатските промени создаваат поповолни услови за пренесување на болести
Екстремните временски услови и шумските пожари сè повеќе го загрозуваат здравјето на луѓето, особено на поранливите групи на население и региони со ограничени можности за навремен одговор на последиците поврзани со климата. Во овој контекст, авторите сметаат дека постои итна потреба од промена на пристапот „со цел да се пренасочат активностите и да се заштити здравјето и опстанокот на сегашните и идните генерации“.
МИА

