Со мото „Вкуси ја Македонија во чаша“, од 16 до 18 октомври во комплексот „Македонско село“ ќе се одржува првото издание на „Вински фестивал – Македонско село“, посветен на македонското вино, гастрономијата, музиката и традицијата.
-Фестивалот е замислен како место каде што ќе се сретнат љубителите на виното, домашните производители и публиката, во амбиент кој природно ја раскажува македонската приказна. Во винската зона посетителите ќе имаат можност да дегустираат вина од македонски винарии, да ги запознаат нивните производи и да уживаат во разни вински и гастрономски комбинации. Фестивалската влезница чини 1.000 денари, а со неа посетителите на влез добиваат фестивалска чаша и можност за неограничена дегустација на вината од учесниците, соопшти организаторот.
Покрај винската понуда, фестивалот ќе има и посебни гастрономски зони – „Вино & Сирење“, „Сладок корнер“, „Кафе & Кроасан“ и „Скара корнер“, со различни вкусови и производи кои ќе го надополнат винското искуство.
Во трите фестивалски вечери музичката програма ќе биде исклучиво македонска. Ќе почнува во текот на денот (в петок од 16 часот и напладне во деновите од викендот), а фестивалските вечери ќе завршуваат со настапи на главната сцена. На фестивалот ќе има и содржини за најмладите.

Прв на сцената в петок, во 16 часот, ќе настапи диџеј Бранчез, по него следуваат Нино Величковски и неговите тамбураши, Благица Павловска и од 20 часот – Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд. В сабота (17 октомври) музичката програма ќе почне со диџеј Ерик Фокс во 12 часот, потоа ќе настапат тамбурашите Ѓезме, Александар Тарабунов, Александар Јосифовски, а од 20 часот е концертот на Дамјан Стојаноски и неговиот оркестар. Неделата (18 октомври) е резервирана за група Коштана (12:00), по што ќе следуваат настапите на Смиља Митревска, Огнен Здравковски, Ѓоко Танески и од 20 часот настапот на диџеј Галоски.
-За посетителите кои сакаат целосно да го доживеат фестивалот, „Македонско село“ подготви и посебна винска викенд-понуда со сместување, појадок, фестивалски влезници и дегустација на вината. За полесен пристап и безбеден превоз од и до фестивалот, во текот на трите фестивалски дена ќе биде организиран и автобуски превоз кон комплексот „Македонско село“. Автобусите ќе сообраќаат на секои 30 минути од две локации во Скопје – паркингот кај СЦ „Борис Трајковски“ и последната автобуска постојка кај Цветен пазар, со што посетителите ќе имаат дополнителна можност да стигнат до фестивалот, се наведува во соопштението.
Вински фестивал
