Варените ѓевреци се вкусни домашни печива со златно-кафеава, малку крцкава коричка и мека внатрешност. Пред печењето кратко се варат во вода со мед, а потоа се посипуваат со сусам, кој им дава прекрасен изглед и арома.
Состојки:
- 500 г брашно
- 20 г свеж квасец
- 2 лажички сол
- 1 лажичка шеќер
- 3 лажици масло
- 250 мл млака вода
За варење и посипување:
- 2–3 л вода
- 1 лажица мед
- сусам по потреба
Подготовка: Во длабок сад ставете ги брашното, издробениот квасец, солта, шеќерот и маслото. Постепено додавајте ја млаката вода и замесете мазно, еластично тесто, слично на тесто за кифлички. Покријте го со чиста кујнска крпа и оставете го да нарасне околу 25–30 минути. Префрлете го тестото на набрашнета работна површина, кратко премесете го и поделете го на 9 еднакви топчиња.
Од секое топче обликувајте долгнавесто црево со должина од околу 30–32 см. Спојте ги краевите со притискање со прстите за да добиете форма на ѓеврек. Оставете ги да одморат 10 минути.
Во големо тенџере ставете 2–3 литри вода и додајте го медот. Промешајте за да се раствори. Кога водата ќе зоврие, внимателно спуштајте ги ѓевреците, по еден во тенџерето. Варете ги вкупно околу 1 минута, превртувајќи ги на половина од времето. Со решеткаста лажица извадете ги ѓевреците, оставете ги кратко да се исцедат, ставете ги во сусам од двете страни и наредете ги во голем плех обложен со хартија за печење.
Оставете ги да одморат уште 5 минути. Печете во претходно загреана рерна на 200 °C околу 25 минути, односно додека убаво да заруменат. Доколку сакате покрцкава коричка, продолжете со печењето уште неколку минути.
МИА
