Британските земјоделци се соочуваат со најлошата епидемија на син јазик во историјата, со поголем број заболени животни отколку во изминатите три години заедно, соопшти денеска британското Министерство за животна средина, храна и рурални работи.
Од 1 јули имало 2.201 случај на син јазик, од кои 1.103 во септември. Ова лето, болеста за прв пат се прошири во Шкотска.
Том Кантилон, виш аналитичар во Одделот за енергетска и климатска политика, рече дека рекордната епидемија оваа година е „предвесник на тоа што доаѓа“.
„Со климатските промени што ја зголемуваат веројатноста дека ќе имаме поблаги зими и потопли лета, штетниците и патогените кои претходно не можеа да преживеат тука сега би можеле да најдат дом тука. Ова ќе има длабоко влијание не само врз земјоделците, туку и врз пошироката јавност“, рече тој.
Порано ова лето, комарци способни да ги пренесат вирусите Зика и денга беа пронајдени како се размножуваат во домовите во источен Лондон, а експертите предвидуваат дека брзото затоплување на климата би можело да доведе до поголем „продор на инвазивни комарци“.
Болеста, која ги зафаќа овците и говедата, може да предизвика треска, чиреви, оток на главата и отежнато движење, а јазиците на животните често отекуваат.
Вирусот, кој се пренесува преку каснување од муви и потекнува од Африка, се шири низ Европа во последните две децении. Светската организација за здравје на животните го поврзува со климатските промени. Академици наведуваат дека повисоките температури, предизвикани од климатската криза, придонесуваат за зголемувањето на бројот на регистрирани случаи. Болеста син јазик не влијае на луѓето ниту на безбедноста на храната.
МИА
