Утрото ќе биде студено, а во текот на денот ќе преовладува сончево време со умерен северен ветер.
Времето денеска ќе биде претежно сончево, со мала до умерена локална облачност. По посвежото утро, во текот на денот температурите постепено ќе растат и ќе достигнат до 24 степени.
Минималните температури ќе се движат од 4 до 12 степени, додека максималните дневни температури ќе бидат во интервал од 16 до 24 степени.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, кој повремено ќе засилува, особено долж Повардарието.
Во Скопската Котлина се очекува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер, а температурата ќе се движи од околу 9 степени во утринските часови до 22 степени во текот на денот.
Во наредниот период ќе продолжи стабилното време, но утрата ќе останат посвежи. Позначителна промена се очекува кон крајот на работната недела, кога на повеќе места се очекуваат врнежи од дожд, локално и пообилни.
За земјоделците, посвежите утрински температури се сигнал дека постепено се приближуваме кон типичните есенски услови, па се препорачува навремено следење на временските услови при планирањето на земјоделските активности.
