Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, го посети меѓународниот саем ZEPS 2026 во Зеница, еден од позначајните економски и бизнис настани во Босна и Херцеговина.
ZEPS 2026 годинава обединува повеќе од 500 изложувачи од различни земји, создавајќи платформа за презентација на компании, производи и технологии, како и за деловни средби, инвестиции и воспоставување нови партнерства.

За време на посетата, Хоџа одблиску се запозна со организацијата и концептот на саемот, а со раководството на ZEPS разговараше за можностите за воспоставување соработка и за учество на компании од Северна Македонија на следните изданија на саемот.
Посебен акцент беше ставен на можноста за претставување на земјоделските производители и агро-прехранбените компании од Северна Македонија, како можност за промоција на домашните производи, воспоставување директни контакти со нови партнери и отворање нови пазари во регионот.

Во разговорите беа разменети искуства и околу можноста за развивање слични саемски формати во Северна Македонија, кои на едно место би ги поврзале производителите, компаниите, институциите и меѓународните партнери.
Хоџа му се заблагодари на Санел Ибриќ, извршен директор и менаџер на ZEPS, за гостопримството, придружбата за време на посетата и подготвеноста за развивање на соработката.

Посетата на Зеница заврши со средба и разговор со Самир Шибоњиќ, министер за економија на Зеничко-добојскиот кантон, на која се разговараше за можностите за зајакнување на економската соработка и воспоставување нови врски меѓу компаниите и производителите од двете земји.
МЗШВ
