Со говор на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, вечерва во Солун свечено ќе биде отворен 90-от Меѓународен саем, што оваа година одбележува 100 години од првото издание во 1926 година, а ќе земат учество над 1.000 изложувачи, учествуваат 25 држави, додека почесна земја е Јапонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Меѓународниот саем во Солун се одржува традиционално секоја година на почетокот на септември и е домаќин на странски изложувачи, учество на земји од целиот свет, странски и домашни политичари, а премиерот на Грција, во говорот на отворањето ја соопштува владината програма за следниот период.
Паралелно со отворањето и во исто време со говорот на премиерот, како и секоја година, така и сега, закажани се низа протести од различни здруженија и организации, но и од најголемите грчки синдикати против владината политика, а за безбедноста во Солун, ангажирани се над 3.000 полицајци, дронови и превентивно ќе бидат затворени улици и осум метро станици.
Вечерва, во говорот, грчкиот премиер се очекува да ги презентира економските оски на владината политика, а на последната владина седница пред две седмици рече дека со оглед на тоа што ќе биде и последен Меѓународен саем пред изборите во првата половина на 2027 година, „ќе биде и можност да започнеме со претставување на патоказот на земјата кон 2030 година“.
Според министерот за национална економија и финансии на Грција Кирјакос Пиеракакис, Мицотакис „ќе претстави јасен, конкретен, структуриран и целосно остварлив четиригодишен план, а не изолирани мерки“, туку стратегија во која, како што рече, „секој граѓанин, бизнисмен, вработен, пензионер, земјоделец, млад може да се препознае себеси“.
– Вистинскиот предизвик не е само да имаме економски раст. Туку да имаме раст од кој придобивките ќе се почувствуваат насекаде. Да имаме раст што ќе стигне до сите и ќе им донесе придобивки на сите. И целосно сме свесни дека секој избор што го правиме денес, секоја одлука што ќе ја донесеме сега, ќе ги обликува можностите на следната генерација, посочи вчера Пиеракакис.
Во следните денови, на Меѓународниот саем во фокусот ќе бидат економијата, технологијата и иновацијата, културата, образованието итн., а со оглед на тоа што Јапонија е почесна земја, посетителите ќе имаат можност да го истражи јапонскиот „универзум“ на изложбен простор од 3.200 квадратни метри, каде што ќе се претстават 25 компании и организации, а планирани се и над 40 настани.
Во рамките на саемот, како што е пракса секоја година, утре напладне, грчкиот премиер ќе ја одржи традиционалната прес-конференција.
Меѓународниот саем ќе трае до 13 септември, во текот на следната седмица прес-конференции ќе одржат лидерите на опозициските партии, а следниот викенд прес-конференција ќе има претседателот на главната опозиција ПАСОК Никос Андрулакис.
МИА
