Екстремните горештини, сушата, поскапите горива и ѓубрива, но и воените конфликти, создаваат нов притисок врз цените на храната. Аналитичарите предупредуваат дека најголем удар може да има кај житарките, овошјето, зеленчукот и млечните производи.
Глобалните цени на храната би можеле да пораснат за 11,8 отсто во текот на 2026 година, а во 2027 година се очекува дополнителен раст од 4,8 отсто, проценува британската аналитичка компанија Oxford Economics. Најголем ризик има кај пченицата, што може да се одрази и врз цените на лебот, тестенините, бисквитите и житарките за појадок.
Сушата ги намалува приносите
По топлотниот бран што ја зафати Европа, прогнозата за приносот на житарките во ЕУ и Велика Британија е намалена од 295,5 на 286,6 милиони тони. За споредба, минатогодишниот принос бил околу 310 милиони тони.
Дополнителен проблем се повисоките трошоци за производство. Дизелот на светскиот пазар во јули бил 36 отсто поскап отколку една година претходно, додека Oxford Economics очекува цените на ѓубривата годинава да пораснат за 22 отсто.
Пченицата може да поскапи за 36 отсто
Најголем притисок се очекува токму врз пченицата. Проценките се дека нејзината цена во третиот квартал од 2026 година би можела да биде 36 отсто повисока отколку во истиот период минатата година. Тоа може да значи поскапување и на низа производи што секојдневно ги купуваме – леб, тестенини, бисквити и житарици за појадок.
Русија и Украина заедно учествуваат со речиси 30 отсто во светскиот извоз на пченица, па нарушувањата во снабдувањето дополнително го зголемуваат ризикот за глобалниот пазар.
Кои производи најмногу ќе поскапат?
Според проценките, најизложени се: житарките, овошјето, зеленчукот, млечните производи, лебот и другите производи од пченица, сирењето и маслото. Месото, според анализите, би требало да биде помалку погодено од овој бран на поскапувања.
Првите поскапувања може да стигнат наесен
Промените најбрзо би можеле да се почувствуваат кај свежата храна. Според проценките, повисоките цени на овошјето и зеленчукот може да стигнат до продавниците за само два до три месеци, што значи дека првите посериозни поскапувања би можеле да се почувствуваат во октомври и ноември.
Кај преработената храна процесот е побавен, бидејќи поскапувањето на суровините треба да помине низ производството и преработката. Најголем притисок во оваа категорија се очекува шест до девет месеци подоцна. Тоа значи дека новиот удар врз семејните буџети би можел постепено да се почувствува од есенва, а посериозно во текот на следната година.
Извор – ТРН
