Рататуј е традиционално француско јадење од зеленчук, збогатено со ароматични зачини од Прованса. Лесно, миризливо и одлично како прилог или како самостоен оброк.
Состојки:
- 1 тиквичка
- 1 модар патлиџан
- 1 црвен кромид
- 1 жолта пиперка
- 1 црвена пиперка
- 2 домати
- 2 чешниња лук
- 5 домати, исчистени од семките и лушпата и ситно исечкани
- 1 зачинал
- малку црн пипер
- прстофат оригано
- 1 лажица ситно сечкана мајчина душица
- 1 лажица ситно сечкан рузмарин
- 6 лажици маслиново масло
- 1 лажица ситно сечкан магдонос
- сол по вкус
Подготовка:
Модриот патлиџан и тиквичката исечете ги на кругови со дебелина од околу 0,5 см. Посолете ги и оставете ги да отстојат 30 минути за да ја испуштат вишокот течност. Потоа избришете ги со хартиена салфета. Во меѓувреме, подгответе го сосот. Во две лажици маслиново масло кратко пропржете го ситно сечканиот лук и кромидот. Додајте ги ситно сечканите домати и динстајте додека не омекнат и почнат да се распаѓаат. Додајте го зачиналот, црниот пипер, ориганото, мајчината душица и рузмаринот. Во две лажици маслиново масло внимателно пропржете ги круговите од модар патлиџан и тиквичка од двете страни.
Двата домати, црвената и жолтата пиперка и црвениот кромид исечете ги на кругови со дебелина од околу 0,5 см. Во тркалезен сад ставете половина од подготвениот сос. Наредете го зеленчукот вертикално, наизменично, во круг, така што ќе се редат круговите од тиквичка, модар патлиџан, домат, пиперка и кромид. Одозгора прелијте со преостанатиот сос, додајте малку маслиново масло и посолете по вкус.
Покријте го садот со алуминиумска фолија и печете во загреана рерна на 200 °C околу 40 минути. Потоа отстранете ја фолијата и, доколку е потребно, печете уште неколку минути за зеленчукот убаво да зарумени. Готовиот рататуј посипете го со ситно сечкан магдонос.
Рататујот послужете го топол како прилог со месо, риба или како лесен самостоен оброк.
МИА
