Владата го одобри ребалансот на Буџетот за 2026 година, со кој се обезбедуваат дополнителни финансиски средства за повеќе сектори, меѓу кои земјоделството, здравството, образованието, спортот и социјалната заштита. Предлогот, во кој се вклучени и прифатените амандмани од собраниската комисиска расправа, ќе биде испратен до Собранието на конечно усвојување.
Од Министерството за финансии информираа дека со измените се обезбедува поголема поддршка за жените земјоделки, како и средства за отворање два згрижувачки центри за жртви на семејно и родово насилство. Предвидено е и воспоставување национална СОС-линија, преку која ќе им се обезбедува помош на жртвите од ваков вид насилство.
Ребалансот предвидува дополнителни средства и за земјоделските субвенции, железничкиот сообраќај, ученичкиот и студентскиот стандард, како и за развојот на спортот и здравствениот систем. Зголемени се и средствата за социјални надоместоци, народни кујни, заштитни друштва и мерки за деинституционализација, со цел поголема поддршка за ранливите категории граѓани.
Според новите проекции, буџетските приходи ќе достигнат 379,5 милијарди денари, додека расходите се планирани на 425,8 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 46,3 милијарди денари.
За капитални инвестиции се издвоени околу 46 милијарди денари, што претставува зголемување од 14,5 проценти во однос на првичниот Буџет за 2026 година. Истовремено, со ребалансот се предвидува намалување на трошоците за стоки и услуги.
Опозицијата останува на ставот дека предложените измени нема да донесат суштински промени во економската состојба. Според неа, наместо структурни реформи, Владата повторно се определува за повисок буџетски дефицит и дополнително задолжување, без конкретни мерки за справување со високите цени, инфлацијата и финансиските предизвици со кои се соочуваат граѓаните.
