Идејата да го работиме овој производ кај нас дојде уште пред десетина години во моментот кога нашите шведски партнери едноставно ни соопштија дека веќе нема да ја купуваат обичната лубеница бидејќи на нивните пазари тој производ не се троши и не се продава, и ние бевме принудени да посадиме и произведеме производ кој ќе го понудиме таму и ќе го продаваме. Така добивме идеја да направиме договорно производство, за да можеме да го продолжиме тоа што претходно го работевме.“, вели Борис Шуперлиски од „Fresh line“.
Годинава производството на бессемена лубеница се врши на околу 35 хектари распределени во три региони во Македонија, Валандовски, Струмички и Штипски, со цел да се добие производ во текот на целата сезона, односно почнувајќи од 15-20 јуни до крајот на август.
Бессемената лубеница е слична на обичната која на сите ни е позната. разликата е во тоа што семенскиот материјал е различен и се работи за семка која е нешто поскапа од другите семиња. Другиот дел од процесот на производство е сличен или ист како другата лубеница.
Подготовката на нивите и делот со садењето е ист како обичната лубеница. Бројот на стебла што се садат на еден хектар се околу 5.000. Важно е да се напомене дека бессемената лубеница мора да се засади со друга семена лубеница, односно некој тип на поленатор затоа што самата од себе не се опрашува.
„Во претходните десетина години работење со бессемена лубеница, завршивме многу проекти на договорно производство, каде што вкупното производство беше откупено од наша страна и извезено по договори кои ги потпишуваме претходно. Се работи за производ којшто е многу баран на запад, за разлика од семената лубеница која традиционално завршува на балканските пазари и секогаш има проблем во борбата со цените и со понудата на производите. Затоа имаме нестабилност и луѓето се имаат откажано од тој производ. Бессемената лубеница е многу прифатена на западните пазари. Тоа се веќе софистицирани пазари каде што вредноста на потрошувачката и потрошувачката кошничка на тамошните домаќинства е поголема и бараат производи коишто се поспецифични и поинтересни за консумирање. Бессемената лубеница е идеален производ за тие пазари.“, вели Шуперлиски.