„Договорното производство е најдоброто решение за земјоделците. Без извоз, дури и најквалитетното производство нема вистинска вредност. Кога знаеш дека имаш сигурен пласман, работиш со љубов и посветеност. Инвестициите имаат смисла само кога постои загарантиран откуп, што дава финансиска сигурност и овозможува континуиран развој. Нема ништо поважно од договорното производство и сигурниот пласман – тоа е основата за стабилно и успешно земјоделство“ – вака го започнавме разговорот со Лидија Варналиева, производител на јапонско јаболко и поборник за поголема афирмација на ова прекрасно овошје.
-Имаме површина од 5 хектари во Јосифово засадена со сортата Костата. Една од парцелите ја насадивме со сортата Рохо Бриљанте, додека останатите ги подложуваме на процес на прекалемување. Голем дел од работата ја извршува нашето семејство, но поради поголемата површина ангажираме и сезонски работници – вели Варналиева.
Прашавме, дали се тешки за одгледување, кои се најчести проблеми во текот на производството?
-Јапонското јаболко е едно од ретките овошја чии плодови зреат на дрвото цели шест месеци. Неговото одгледување бара големи количини вода, што претставува значителен финансиски предизвик. Покрај тоа, процесот на резидба е напорен и бара прецизност. Во нашето производство користиме органски препарати за заштита на растенијата, а за ѓубрење применуваме органски препарати збогатени со витамини и минерали. Сето ова претставува значително вложување и финансиски трошок, но е неопходно за одржување на висококвалитетни плодови – вели Варналиева и додадва дека се задоволни од последната реколта.

-Задоволни сме од резултатите, иако ова беше исклучително напорна година. Сонцето беше силно, поради што бевме принудени да вршиме наводнување 24 часа на ден. Со многу труд и посветеност, успеавме да ги произведеме плодовите и покрај предизвиците. Што се однесува до пласманот, минатата година откупот ни беше најавен дури кога започна бербата. За нас е клучно однапред да знаеме дека ќе има извоз, бидејќи тоа ни носи сигурност и ни овозможува подобро планирање. Кога започна војната со Русија, која беше нашиот најголем увозник, се соочивме со сериозен проблем – плодовите останаа на дрвјата. Европскиот пазар во најголем дел го контролираат Шпанија и Италија, што дополнително ја усложнува нашата можност за пласман – изјави Варналиева.
За соработката со Фреш Лајн околу откупот, условите, цената, начин на плаќање зборува се најдобро.

-Ние сме исклучително задоволни од соработката со Fresh Line и многу ни значи нивното појавување на пазарот. Овие млади и способни луѓе добро го познаваат европскиот пазар и успешно ги пласираа нашите јапонски јаболка.Сметаме дека Fresh Line би имал значителна поддршка доколку производителите на храна се вклучат во решавање на проблемот со втората класа. Во моментов, тие се соочуваат со голем предизвик при селекцијата на првата класа, но доколку преработувачите се вклучат, тоа би овозможило сигурен откуп на селектирана прва класа – вели таа.

Уште тема ни отвори многу важна, а тоа е преработката на јапонското јаболко кое во други земји е развиено и успешен бизнис.
-Јапонското јаболко треба повеќе да се преработува и да стане редовен дел од исхраната во Македонија, особено поради неговите високи хранливи вредности. Ние веќе нудиме производи од јапонско јаболко на преработувачки компании. Fresh Line, пак, обезбедува бесплатна суровина со цел да го поттикне производството на нови производи.

Наместо увоз на сушени банани, можеме да произведуваме сушено јапонско јаболко – природно слатко, квалитетно и без штетни шеќери. Ова овошје треба да стане дел од менијата во рестораните, да се користи во салати (особено сортата Гиро), а исто така е одлично за жива туршија.

Во Англија замрзнатото јапонско јаболко чини 4 фунти, додека кај нас често завршува како отпад. Ова е показател за тоа колку малку го вреднуваме ова квалитетно овошје и колку можности постојат за негова подобра употреба.

Јапонското јаболко има потреба од маркетинг за да се истакнат неговите хранливи вредности и здравствени придобивки. Ние произведовме сушено јапонско јаболко и го понудивме на пазарот, но, за жал, не наидовме на интерес. Затоа, неопходно е поголемо информирање и едукација на потрошувачите -потенцира Варналиева.
За крај на овој интересен и едукативен разговор, не интересираше дали ќе ја продолжат соработката со компанијата Фреш Лајн и на кој начин.
– Сигурни сме дека ќе продолжиме со соработката со Fresh Line. Од пролетта започнавме да работиме според нивните насоки и сугестии, и свесни сме дека тоа ќе ни донесе значителна корист. Fresh Line претставува клучна алка во синџирот на јапонското јаболко, обезбедувајќи сигурен пласман и развој на пазарот – изјави Варналиева.
