Ивица Димковски од скопско Радишани е земјоделски производител на кого главна дејност му е сточарството, но произведува и житарици за добиточна храна, потоа компир и бостан.
Ивица е еден од оние соговорници кои ја кажуваат состојбата реално, но го слушате оптимизмот кој го поткрепува со ставот дека ако работиш професионално, ќе имаш. Со него разговаравме за тоа како е да се биде земјоделец кај нас, дали добива субвенции, како го решава пласманот, какви планови има и во што е најдобро да се инвестира.
-Со земјоделско производство се занимавам цел живот. Главна дејност ни е сточарството, чуваме крави, заедно со подмладокот имаме 18 грла. Житарици сееме на 5 ха јачемн и 3.5 ха овес. Земјата дел е наша, од татко, дедо, а дел работиме под наем. Имам комбајн, моја балирка, сега ја легализиравме шталата и планирам да инвестирам. Со татко ми зедно работиме 40 години или цел живот само тоа, земјоделие – вели Ивица.


Моментално ги подготвуваат нивите за пролетна сеидба за овес, а за брзо ќе почнат со припреми за производство расад за бостан.


-Моментално ораме за пролетна сеидба за овес, а до крај на месец ќе го спремаме и расадот за бостан. Житариците ги произведуваме за добиточна храна за кравите, што значи ги претвараме во млеко и месо. Млекото го предаваме во млекарницата Бучен Козјак и сме многу задоволни од соработката со нив. Ни помагаат и авансно со исплата и било што ако имаме потреба достапни се секогаш за поддршка – вели Ивица и додава дека годинава е подобро и во однос на исплатата на субвенциите.
-Субвенции земаме редовно, посебно оваа 2024 беше добра, се исплатија заостанати за млеко по 5 денари и плус по крава 200 евра и ако вака се продолжи ќе биде добро. Сточарството и воопшто земјоделското производство ако го работиш како што треба, професионално е исплатливо – вели Ивица.




Следно што ќе работат е да се подготвува расадот за бостан. Оттука и интересот да се вклучи во Договорното производство на бессемена лубеница, кампања која ја водиме на Агротим за познат откупувач – Фреш Лајн.
-Од договорено производство подобро нема. Јас летоска спијам на нива, сабајле пазар до ручек, после берам и тоа е голем терет. А кога ќе го дадеш бостанот од нива е многу полесно, затоа сакам да пробам годинава да се вклучам во проектот за бессемена лубеница, се разбира ако ми одговараат условите што ги нуди фирмата – потенцира Ивица.



Кога се плановите за иднина во прашање, тука е инвестиција во фармата и набавка на нов трактор. Негов избор е трактор Солис од Хемометал, а се интересира и за можноста да набави земјоделска механизација преку ИПАРД или друга мерка на МЗШВ. Според него, инвестициите во земјоделскиот сектор ќе бидат исплатливи затоа што производството на храна допрва доаѓа на цена.

-Производството на храна е најисплатливо и доаѓа на цена, јас знам многу луѓе што се откажаа од земјоделство, но не слушнав некој да се откаже да не јаде. И мислам дека од ден на ден оваа работа ќе биде поисплатлива зашто веќе нема ни луѓе што знаат да работат, па не ни сакаат, оставија се, а земјоделието ако добро не го познаваш не може да произведеш – заклучува Ивица.
